Основното училиште „ Христијан Карпош“ денеска беше домаќин на завршната манифестација по повод „Месецот на книгата”. Традиционално, организатор на настанот е јавната општинска установа, библиотеката „Тане Георгиевски”. На манифестацијата беа доделени награди и дипломи за најуспешните прозни, поетски и ликовни творби на учениците, но и на најуспешните од општинскиот натпревар „Млад библиотекар”. Годинава учесниците на конкурсот твореа на темата „Книгите се уникатно пренослива магија“, информира директорката на библиотеката Христина Алексовска.

– Библиотеката овој месец спроведе литературен и ликовен натпревар на кој учествуваа учениците од основните и средните училишта, а се одржа и 18-от натпревар „Млад библиотекар“ на кој прво место и припадна на ученичката Ива Додевска од ова училиште, која што освои 97 поени и таа ќе ја има честа да биде наша претставничка на Републичкиот натпревар „Млади библиотекари“ кој што ќе се одржи во Охрид на шести мај 2022 година. На сите учесници им посакувам многу успех, да ја негуваат книгата и да продолжат понатаму да творат. Имаше пријавени стотина учесници. Оваа година имавме една прекрасна тема книгите се уникатно пренослива магија, стигнаа прекрасни творби така што им беше тешко на комисијата да изберат дел од тие творби, но сепак тоа мораше да се направи, изјави Христина Алексовска, директор на библиотеката „Тане Георгиевски“

Дипломи за најдобрите поетски творби од основните училишта и средни училишта добија повеќе ученици, но првото место и припадна на осмоодделенката Мила Ивановска од „Крсте Мисирков“, прво место освои и Илина Арсовска, ученичка од осмо одделение во „Кочо Рацин“ за најдобра прозна творба, поетската творба на матурантката Сандра Цветкова во „Перо Наков“ е прогласена за најдобра, а диплома за најдобра прозна творба и беше доделена и на Мила Алексовска, трета година во гимназијата „Гоце Делчев“.


