(ВИДЕО)Гимназијата „Гоце Делчев“ добива нов изглед

Новата енергетско ефикасна фасада на гимназијата „Гоце Делчев“ целосно ќе биде завршена за околу еден месец, информираат надлежните. Освен фасадата, деновиве се реконструира и училишната спортска сала во која се заменети системот за греење, осветлувањето, а се поставува и нова подна површина.

-Првичната идеја ни беше да ја смениме подната површина, но добивме уште финансиски средства и со тоа направивме замена на системот за греење во спортската сала и комплетно осветлување, направиме замена со лед светилки и очекуваме сега уште, во завршна фаза сме да се постави и конечната подлога за да можат понатаму учениците да ја изведуваат наставата.  Благодарение на општината и сите оние средства кои што ни беа  заштедени ние направивме веќе во летниот период поставување на смарт табли и нови компјутери набавивме, комплетно сме спремни за ИКТ -наставата, во другите кабинети исто така набавивме се она што им е потребно за да можат наставниците непречено да ја следат наставата по биологија, физика, хемија, информатика, по музика, купивме многу нови инструменти и очекуваме и останатите активи да ни приложат барање за да оваа учебна година имаме уште набавки по другите предмети и се надеваме дека и тоа ќе го реализираме, изјави Марија Тодоровска, директор на СОУ Гимназија „Гоце Делчев“

Целосната реконструкција на гимназијата започна на почетокот на учебната година со замена на прозорците и вратите на сите училници, обнова на покривот на централниот дел на училиштето, но и замена на азбестната кровна конструкција на училишната спортска сала. Проектот чини околу 21 милион денари, средства обезбедени од општината.

Но, освен од подобрените услови во училиштето, директорката Тодоровска е задоволна и од резултатите што ги постигнуваат гимназијалците во континуитет, без разлика дали станува збор за средниот успех или пак за освоените награди на државно, меѓународно, па дури на светско ниво.

-Се ближи и завршетокот на третото тримесечје, на први април ќе ни бидат класните совети. Резултатот на полугодието е навистина на задоволително ниво. Ние сме едно училиште кое што има добри резултати и две години наназад учениците имаат 4,33 среден успех, што значи дека е повеќе од солидно.

Гимназијата ќе биде и едно од ретките училишта во Куманово во кои се планира да се постави лифт за потребите на лицата со попреченост. Проектот целосно е подготвен, но допрва треба да се обезбедат средства за имплементацијата.

Коментари

коментар(и)