(ВИДЕО) Екипата на ООУ „Наим Фрашери“ победи на зонските натпревари во футсал

Куманово е домаќин на зонските натпревари во футсал за основните и средните училишта. Во училишната спортска сала на „Христијан Карпош“ денеска се одиграа натпреварите меѓу екипите од кумановското училиште  „Наим Фрашери“, „Јоаким Крчовски“ од меѓузоната Крива Паланка – Кратово и основното училиште „Браќа Миладиновци“ од меѓузоната Пробиштип-Свети Николе, информира претседателот на Општинскиот сојуз на училишен спорт на Куманово, Ивица Ѓорѓиевски.

-Денеска се организираат зонски првенства во футсал за основни училишта за машка категорија, а за женска категорија се поместени за идната недела. Од сега па понатаму веќе се одвиваат сите зонски натпревари во ракомет, кошарка, одбојка. Ние како град домаќин сме на футсал и за основни и за средни училишта, за средните училишта натпреварите ќе бидат на први декември (среда) во училиштето „Перо Наков“. Во изминатиот период пред корона пандемијата се организираа натпревари во лига систем на натпреаври, тоа е секој со секого меѓутоа двокружен турнир, оваа година поради корона малку има рестрикција во тој однос и се игра еден турнир, секој со секого, изјави Ѓорѓиевски.

Од Општинскиот сојуз на училишен спорт велат дека зонските натпреварувања во футсал – женска категорија ќе бидат одиграни наредната седмица. Инаку, се планира зонските натпреварувања во сите спортови да завршат до Нова година, а потоа следуваат регионалните и државните натпревари.

– Освен натпреварите за осмо и деветто одделение и за средношколците, после Нова година се планирани и натпревари за шесто и седмо одделение и тоа од општинско ниво до државно ниво, и веќе после Нова година очекуваме да се спуштиме и во нижите одделение од прво до четврто. Веќе има изготвена и програма преку Федерацијата на училишен спорт на Македонија каде што ќе имаме натпревари и за учениците од прво до четврто и тоа во штафетни игри, игри без граници, а планирани се и натпревари во мини одбојка, мини кошарка, мини ракомет и мини фудбал, изјави Ѓорѓиевски.

Иако ковид пандемијата влијаеше врз психо-физичкиот развој на учениците, сепак во кумановските училишта има многу талентирани деца кои што во иднина ќе продолжат професионално да се бават со некоја од спортските дисциплини, посочуваат од Сојузот на училишниот спорт.

На денешните зонски натпревари во футсал првото место и припадна на екипата од кумановското училиште „Наим Фрашери“, второто место го доби „Јоаким Крчовски“ од Крива Паланка, а третото, екипата од ООУ „Браќа Миладиновци“ од Пробиштип.

Со освојувањето на првото место, екипата на ООУ „Наим Фрашери“ доби можност да учествува во понатамошните натпреварувања, соопштија од Општинскиот сојуз на училишен спорт на Куманово.

Коментари

коментар(и)