Наскоро ќе започне реконструкцијата на подрачното училиште „Браќа Миладиновци“ во селото Пчиња. Со проектот кој веќе е одобрен предвидена е замена на прозорците, вратите, подовите со што училишниот објект ќе стане енергетско ефикасен, а условите за работа значително ќе се подобрат, информира одговорниот наставник во училиштето, Мирослав Димевски. Тој најави и неколку активности, манифестациии и еколошки акции кои што ќе бидат реализирани во наредниот период, некои од нив во соработка со родителите на учениците и месното население.
– На 24 мај годинава по повод Денот на сесловенските просветители ќе направиме неколку манифестации, спортски, културни и ликовна колонија со наслов Бислимска клисура. Ќе земат учество неколку основни училишта од градот и на крајот ќе прогласиме победник, најуспешен цртеж. Целта е да ги приближиме децата да ја запознаат оваа природна убавина. Можам да го пофалам месното население и соработката со родителите со кои што реализиравме неколку акции. Последната беше еколошка акција еколошка акција во која зедоа учество и родителите, засадивме 20 дрвја. Во претстојниот период планираме со сите вработените во „Браќа Миладиновци “ да направиме еко-прошетка до Бислимска клисура, а со екипите на ЈП „Чистота и зеленило“ ќе реализираме еко-акција до депонијата Краста, Мирослав Димевски, одговорен наставник во подрачното училиште во Пчиња и Студена Бара
Учениците во Пчиња во наредниот период ќе имаат можност да го користат новото мултифункционално игралиште, со тартан подлога, голови и кошеви.
-Привршува изградбата на мултифункционалното игралиште. Имаме можност да бидеме едни од добитниците на општинско ниво на игралиште кое ќе биде со тартан подлога, предвидени се и неколку терени, за кошарка, за ракомет, за фудбал, за одбојка, има доста талентирани деца овде, по изградбата на игралиштето ќе направиме и турнири, јас ќе бидам одговорен, изјави Дарко Петквоски, професор по физичко и здравствено образование
И родителите се задоволни од новите инвестиции во училиштето, но и од менаџерскиот тим кој според нив, се залага за подобрување на условите не само во образованието, туку и во целиот пчински регион.
За реконструкција на објектот одвоени се околу 1.250.000 денари, а избрана е и фирмата која ќе го санира подрачното училиште. Во село Пчиња настава следат 65 ученици од прво до деветто одделение. Зградата на училиштето е изградена учебната 1927/28, а од 1955/56 година е осумгодишно училиште.