Лајонс Клуб Куманово неуморно продолжува со хуманите дела. Викендов клубот организираше уште еден хуманитарен настан насловен „Кумановска традиција 2021„ во ресторан Грација.
„Кумановски суџук, домашна пита, пиле печено на специфичен начин е она по што се разликува оваа акција на Лајонс клуб Куманово од останатите, но целта секогаш е иста – собирање средства кои ќе бидат донирани на најранливите групи на граѓани“, вели претседателот на клубот, Ненад Тасевски.
-Храната е подготвена на домашен начин, има баници, буреци, кифлички, наш традиционален кумановски суџук, специјалитетот т.н. пијано пиле, се е феноменално. Чест ми и е на сите што се дојдени тука да направиме хумано дело, а сите собрани средства ќе ги донираме, во здружението за лица со интелектуална попреченост „Порака наша“ или во Сојузот на слепи лица, ќе одлучуваме дополнително, но во секој случај акцијата е со многу добра намера и во хумани цели, изјави Ненад Тасевски, претседател на Лајонс клуб Куманово

Лајонс клуб Куманово успешно опстојува 15 години со реализирани голем број хуманитарни акции и помош не само на поединци, на семејства, туку и на здруженија, јавни установи, институции во градот, поради што претседателот Тасевски вели дека добиените плакета и благодарница од општина Куманово по повод празникот на градот, 11 Ноември се очекувани и заслужени.

-Во март официјално ќе имаме свечена прослава по повод 15 години постоење на Лајонс клуб Куманово и можам да кажам дека заслужено ја добивме наградата. Благодарни сме на општина Куманово за наградата. Имаме реализирано многу акции, помагаме на многу лица, на општата болница, на општината, еколошки акции, акцијата на спортскиот аеродром „Аџи тепе“ заедно со лицата со попреченост, во училиштата, тука се и претставници на училиштето „Браќа Рибар“од село Табановце, така што во секој случај со отворено срце работиме за сите, изјави Тасевски.
Дека признанието од општината е навистина во вистински раце смета и Гоце Бурзевски, прв Вицегувернер на Лајонс клуб, кој со своето присуство на „Кумановска традиција 2021“ даде свој придонес во хуманитарната акција.
– Особена ми е чест и задоволство повторно што сум со своите пријатели во Куманово. Ова е традиционално, веќе 15 години ја прават оваа традицонална акција, тоа е пред се хуманитарна акција, средствата веројатно ќе одат за лицата со попреченост. Воедно сакам да им честитам на Лајонс клуб Куманово за добиената награда по повод празникот на градот, мислам дека е заслужена наградата затоа што има многу големи акции оваа година, и тие и нивнот подмладок, така што драго ми е што Лајонс клуб го наоѓа своето место во Македонија, колку што можеме помагаме, а помош треба многу, изјави Бурзевски.

Отворен за соработка, без посебен критериум за примање нови членови освен волјата за хумани дела и помош на оние на кои им е најпотребна е одликата на Лајонс клуб Куманово. Моменталната бројка од 14 членови на клубот идниот период веројатно ќе се зголеми со оглед на тоа што повеќепати се докажало дека кумановци, не само што се скромни, туку се големи и хумани луѓе.
