(ВИДЕО)Објавен оглас за избор на правни субјекти за заловување бездомни кучиња

Објавен е оглас за избор на правни субјекти за заловување бездомни кучиња. Според објавата на електронскиот сајт за јавни набавки, заинтересираните треба да понудат услуги за заловување на кучиња скитници и нивното згрижување на територија на Општина Куманово.

Со минатогодишниот тендер во износ од еден милион и петстотини илјади денари биле заловени 156 бездомни кучиња, велат надлежните, но проблемот на тој начин само се ублажува. За целосно решавање на проблемот со кучињата скитници треба системско решение, вели раководителот на Секторот за инспекциски надзор, Бобан Бојковски.

-Проблемот, според мене ќе треба да се решава многу посуштински, односно системски. Ние дававме неколку предлози неколку пати за решавање на проблемот, навистина овој проблем е насекаде во Македонија, можам да кажам еден од приоритетите, затоа што знам откако го имаме оној период откако заврши тендерот и распишувањето нов тендер навистина се појавија голем број на бездомни кучиња по нашите улици и ние сега треба, откако ќе го добиеме тендерот  навистина малку побргу да реагираме и што повеќе во краток временски период да заловиме кучиња и понатаму само да го одржуваме тој број, сега не знам за колкава сума станува збор за тендерот. Инаку, суштински кога би се вклучиле сите институции мислам дека полека би требало, по нашите разговори минимум три години ќе треба сериозен пристап за да се доведе тој број на бездомни кучиња на еден минимален број така што во Куманово согласно проценката на ветеринарна станица би биле околу 20 кучиња реално, изјави Бојковски.

Раководителот Бојковски потврдува дека минатата година имало случаи кога граѓани биле нападнати од бездомни кучиња, но, вели се останува само на пријава, односно жртвите на нападот пријавуваат во СВР Куманово, полицијата ја известува инспекцијата и толку. Бојковски потенцира дека општината е немоќна во целосно справување со пробемот, единствено што може да преземе е да распише тендер за заловување на кучињата.

Куманово со години наназад спроведува годишен тендер за заловување кучиња скитници и организира акција за вдомување во соработка со избраниот оператор и со здруженија на граѓани. Изведувачот е должен да ги залови кучињата, вакцинира, да ги смести во прифатилиште и да спроведе акции за вдомување.

Крајниот рок за доставување на понудите е 4 март, годинава.

 

Коментари

коментар(и)