Планинари од планинарското здружение „ Козјак 2013“ и граѓани рекреативци изминатата недела беа дел од акцијата „ Од Водно до Матка“, организирана од Федерацијата на планинарски клубови од Македонија,по повод Светскиот ден на планината, 11-ти декември.

„Во традиционалната акција учествуваат членови на сите планинарски клубови, но годинава кумановци без најбројни“, вели Ангела Петковска од здружението „Козјак 2013“.
– Ние оваа година бевме и најбројни, имавме два полни автобуси, тоа беа планинари, но и граѓани рекреативци кои што ги направија првите планинарски чекори на овој значаен датум за сите нас. Времето беше преубаво, убаво расположение, сите се искачија, буквално и оние кои што првпат беа на планина, а после тоа имаше свеченост долу во Матка со планинарско гравче, со греано вино, со чај, со музика и така го одбележавме овој светски ден. Се надевам дека сите тие што тогаш тргнаа со нас дека ќе продолжат и понатаму да уживаат во нашите планински убавици, изјави Ангел Петковска, ПЗ „Козјак 2013“ .

Планинарите имаат утврдена програма со активности, но сепак се зависи од временските услови за планинарење. „Членовите на „ Козјак 2013“ секоја недела се искачуваат на планина. Следниот јавен настан најверојатно ќе биде предновогодишната акција на матичната планина Козјак, на врвот Китка“, посочува Петковска.
– Ќе бидат повикани и граѓаните за да на еден поинаков начин го одбележиме крајот на оваа година. За други активности, планираме некаде во пролет повторно да имаме пошумување затоа што имавме за 11-ти Октомври, кога е нашата традиционална акција посветена на нашиот празник, Куманово како град првоборец, акцијата секогаш е на нашата планина Козјак, тогаш имавме пошумување затоа што летоска имаше многу пожари во нашиот регион, исто така за 11-ти ноември имавме уште една акција за пошумување, затоа што тој ден како патронат на нашиот град ние планинарите го посветуваме на дрвото, ние си организираме како еден вид наше Денот на дрвото и тоа беше подарок на нашиот град од планинарскиот клуб „ Козјак 2013“.Планираме во пролет кога и се садат садници една акција, а исто така задолжително секој 8-ми март организираме „Осмомартовска акција“ посветена на празникот на жената со намера што повеќе жени да излезат од дома и на еден поинаков начин да го одбележат овој празник. После таа акција, голем дел од жените кои што се вклучиле во акцијата остануваат да ни бидат членки во клубот, а секако дека доаѓаат и од машкиот пол, сите, на сите возрасти, иако таа акција е назначена за празникот осми март. Тоа сигурно ќе го одбележиме, а понатаму ќе видиме, изјави Петковска.
11-ти декември е прогласен за Меѓународен ден на планината од Генералното собрание на Обединетите нации. Ова одбележување, кое се слави годишно, има за цел да привлече внимание на важните улоги што ги имаат планинските региони во снабдувањето со вода и храна.

