(ВИДЕО)Секторот за урбанизам апелира сопствениците да ги отстранат склонопадните објекти

Петнаесетина склонопадни објекти во Куманово колку што се евидентирани во моментов треба да бидат отстранети од страна на сопствениците, иако нивната бројка се менува речиси секој месец. Доколку уривањето на дотраените и руинирани приватни објекти падне на товар на општината, тогаш сопствениците ќе сносат многу поголеми трошоци бидејќи локалната самоуправа средствата ги наплаќа преку извршител, информираат надлежните од Секторот за урбанизам во општина Куманово. Оттаму апелираат до сопствениците на склонопадните објекти да интервентираат во законскиот рок од 30 дена веднаш по добивањето на решението за отстранување на објектот.

– Водиме постапки од она што ќе го видиме на терен, постапуваме по службена должност, односно комисијата формирана од градоначалникот постапува по службена должност меѓутоа и по претставки од граѓани. Комисијата излегува, носи решение согласно Законот за градење го доставува до имателите на склонопадниот објект меѓутоа некои иматели не се совесни да го отстранат. Јас морам да кажам дека има и друга страна на приказната, има и совесни граѓани коишто на пример од улицата „Илинденска“ самите дојдоа да се запознаат која е законската постапка да ги отстранат своите склонопадни објекти бидејќи ја загрозуваат безбедноста на граѓаните. Апел е сите кога ќе добијат решение од наша страна изготвено, каде што даваме законски рок, да го отстранат објектот подобро на свој трошок – изјави раководителката на Секторот за урбанизам, Емилија Сларидис Јаневска.

Општина Куманово склучи договор со оператор за присилно административно извршување на правосилни извршни управни акти и рушење на објекти кои се без одобрение за градење како и за склонопадни објекти во март, годинава. Вредноста на склучениот договор со вклучен данок на додадена вредност е 2.499.999 денари со скопската компанија „Солакс-екс-им дооел“.

 

Коментари

коментар(и)