(ВИДЕО) Се излеа Крива река во селото Довезенце

Во селото Довезенце поради обилни врнежи од дожд вчера се излеала Крива река, а во селата Коинце и Пчиња од надојдената вода се насобрале гранки од дрвја и отпад под мостовите кои го отежнувале протокот на водата под т.н. Коински мост и мостот во селото Пчиња, информираа утрово од Регионалниот центар за управување со кризи. Според извештајот на РЦУК,  Крива река се излеала од речното корито во близина на куќите и помошните објекти во селото. По дојавите, веднаш биле информирани општините, СВР Куманово, АД Водостопанство, ТППЕ единиците и ДЗС се вели во соопштението од Регионалниот центар.

Од општина Куманово велат дека во текот на вчерашниот ден се известени за излевањето на одредел дел на речното корито во селото Довезенце, но не станувало збор за посериозно излевање и не било во надлежност на локалната самоуправа. Што се однесува до градежниот реон каде што е надлежност на општина Куманово состојбата е под контрола, односно нема излевање, информираат надлежните.

-Веќе се информирани надлежните институции преку општина Куманово директорот на Водостопанство и во текот на вчерашниот ден има преземено активности за санирање на излевање на тој дел од градот. Имам информација дека исто така количината, нивото на водата на реката Пчиња и на Крива река е зголемено меѓутоа сега засега немаме информации за излевање на останати места. Во градежниот реон каде што е надлежност на општина Куманово сега за сега состојбата е под контрола, нема позначително зголемување на водостојот и немаме излевање во градежниот реон. Тој проблем се провлекува низ години наназад, меѓутоа тој проблем не е во надлежност на општина Куманово. Веќе имаме разговарано преку Кризниот штаб со надлежното јавно претпријатие, имаме дадено препораки за чистење на речното корито во текот на летниот период,  во градежниот реон каде што е надлежност на општина Куманово пред два месеца е веќе извршено чистење на речното корито во делот што го опфаќа градежниот реон и мислам дека сега засега таму нема проблеми и би требало да има дополнителни проблеми, но доколку има потреба во текот на денешниот ден или утрешниот, надлежните ја следат состојбата, доколку има потреба ќе заседава и Кризниот штаб, ќе донесе одлуки, препораки за спречување на оваа состојба, изјави Даниел Стојчевски, Општина Куманово

Од АД Водостопанство „Кумановско-липковско поле“  велат дека будно ја следат состојбата на терен, но поради огромното количество вода, во моментов не може да се реагира. Што се однесува до браната во Липково не постои можност за излевање, велат надлежните.

-Нивото на речните корита на Пчиња и Крива река е зголемено до точка на излевање на повеќе места во кумановскиот регион. Причина за тоа се зголемените врнежи на дожд во соседна Србија, како и во Крива Паланка и надојдените реки од тој регион. Ние во изминатиот период работевме на  чистење на речните корита и на дрвната маса во соработка со ЈП „Македонски шуми“, дрвната маса беше изнесена и депонирана во претпријатието, но кога има нагло зголемување на водата во речните корита, има и зголемување на дрвната маса и ѓубриво под мостовите. Овие три дена постојано сме на терен, ја надгледуваме состојбата во комуникација сме со сите надлежни институции и со РЦУК. Во моментов нема да реагираме во тој дел затоа што има огромна количина на вода и не постои таква механизација која би го спречила излевањето на речните корита, рече во телефонска изјава, Оливер Илиевски, директор на АД Водостопанство „Кумановско-липковско поле“  .

Како критични точки за излевање на водата од речните корита се посочуваат одделни делови во селото Довезенце, местото каде што се влеваат Крива река и Пчиња и во дел од селото Шупли камен.