Зајакнување на довербата и силата на ненасилството како предуслови за изградба на мирот помеѓу ученици од различни етнички заедници во средното техничко училиште „Наце Буѓони“ е целта на денешната обука што ја организираше здружението „Доверба“ од Куманово во рамките на проектот „ Обединети во мирот“. Според претседателката на „Доверба“, Дивна Јанкова проектните активности ќе бидат насочени на создавање на подобри услови за соработка и ненасилна комуникација и зголемување на ученичка невербална комуникација преку уметност и вештини за посредување и медијација.
„Здружението „Доверба“ пред 18 години отвори клубови за медијација во пет основни и четири средни училишта кои беа први такви иницијативи во земјава“, посочува Јанкова.
Предрасудите и непознавањето на вештините за вештините за решавање на конфликти и комуникација се причина за низата непријатни судири со кои мораат секојдневно да се соочуваат наставниците, родителите, учениците. Таквите конфликти се базирани на повеќе фактори: различното мислење, генерациски разлики, лошата комуникација, етничките разлики.
Севкупните активности од проектот на крајот ќе бидат јавно презентирани пред кумановските средношколци и основци, нивните наставници, родителите. Ќе биде дистрибуирана и брошурата „На пат за подобро разбирање“.
Проектот кој започна на први февруари, а ќе трае до први август годинава е поддржан од „Екуменска иницијатива жена“ од Хрватска.