Калин Илијевски, Милош Јовановиќ, Матеј Стојановски и Ања Ристевска од Куманово освоија одлични резултати на Државниот натпревар по гимнастика одржан минатиот викенд во Битола. Ова не се првите награди на државно ниво за членови на Школата за спортска гимнастика „Атлета“ од Куманово каде што децата неуморно и со огромен спортски потенцијал вежбаат под менторство на тренерите Никола Златановски и Филип Миленковски, дипломирани професори по физичко и здравствено образование. На ова државно натпреварување по гимнастика во категоријата помлади пионери, од 6 до 9 години, малиот Калин во силна конкуренција освои второ место. Неговите другари, Ања, Милош и Матеј се задоволни од постигнатиот успех на натпреварот. Интересно е што потенцираат дека натпреварувањето за нив било лесно, а најмногу им се допаѓаат вежбите на вратило.
-Доаѓам од ООУ „Магдалена Антова“, имам 8 години. Се натпреварувавме во Битола, освоив петто место. Вежбам две години, ме запиша татко ми на гимнастика. Имам освоено трето место на Државен натпревар по гимнастика, рече Милош Јовановиќ

– Имам 8 години од „Магдалена Антова“, убаво беше на натпреварот, освоив шесто место, не беше тешко. Вежбавме на вратило, карики, партер, коњ со рачки. Најмногу ми се допаѓаат вежбите на вратило. Првпат учествувам на државен натпревар, ќе продолжам да вежбам, вежбам девет месеци, рече Матеј Стојановски

-Имам седум години, учам во „Крсте Мисирков“, вежбам на партер, вратило и на греда. првпат учествувам на државен натпреавр, два месеца сум член на „Атлета“, ме запиша чичко ми, рече Aња Ристевска

Државниот натпревар по гимнастика е во организација на Гимнастичката Федерација на Македонија. За да се учествува на натпреварот, потребна е голема пожртвуваност, мнгоу работа со натпреварувачите бидејќи конкуренцијата е огромна, вели тренерот Никола Златановски, посочувајќи дека гимнастиката е една од најпрепорачуваните спортови за деца бидејќи е базичен спорт.
-Државното натпреварување се одржа минатата сабота, учествувавме со 4 натпреварувачи. Учеството бара многу голема пожртвуваност, многу работа за да се стигне до вакво големо натпреварување. Има огромна конкуренција од повеќе градови. Задоволни сме со резултатите, и од страна на Федерацијата има големи пофалби за нас како новоформиран клуб со постигнати бројни резултати. Учесниците мора да се натпреваруваат на сите справи, сето тоа бара подолгорочна работа, тренираат подолг временски период бидејќи овие работи не можат да се постигнат за кратко време, тренираме по два пати на ден, односно секој ден се повикуваат пред натпревар, еден месец подготовки максимално. Продолжуваме понатаму, но, имаме потреба од поголема сала за извршување на тренинзите на повисоко ниво. Се надеваме дека општината ќе излезе пресрет да ни помогнат за сала, за реквизити, за повеќе справи за да постигнеме уште поголеми резултати. Гимнастиката како спорт е базичен спорт, мајка на сите спортови, од тука се почнува се, па потоа како се развива детето може да остане во овој спорт или да избере друг спорт, затоа што тука имаме повеќе рамнотежни положби, односно стабилни, лабилни, индиферентни положби. Со истрајно вежбање се постигнуваат тие резултати што се бараат, ние тренерите правиме селекција кај децата според моторичките способности и според возраста и како се врши селекција на децата така тие се испраќаат на едно вакво државно големо натпреварување, изјави Никола Златановски, тренер во Школа за спортска гимнастика „Атлета“ Куманово

Со гимнастиката децата добиваат здрав тренинг, но и забава. Редовниот тренинг по гимнастика придонесува континуиран психички и физички раст и развој на детето, вели тренерот Филип Миленковски.
-Oва не се првите награди за нас, за овие две години имаме остварено повеќе награди односно имаме освоени прво, второ место, трето, петто место и две шести места. Според најновите истражувања, секое трето дете во Македонија има деформитет во рбетниот столб или лошо држење на телото. Овие проблеми се јавуваат како последица од прекумерно седење, употреба на компјутер, таблет, мобилни телефони, прекумерна тежина итн. Но, гимнастиката е вистинско решение за децата да се развијат и да им помогне да се развијат во понатамошниот раст, изјави Филип Миленковски, тренер „Атлета“ Куманово
Во Школата за спортска гимнастика „Атлета“ членуваат педесетина деца, поделени според возраста, од 4 години до 14 години.

