Новата наставна програма за првоодделенците и учениците од четврто одделение стартуваше оваа учебна година. Според учесниците во изготвувањето на новата концепција во основното образование придобивки се намален број предмети, нивно интегрирање и можност за учениците да избираат предмети со што се почитуваат нивните интереси и се овозможува развој на нивните потенцијали. Според МОН, дигиталните учебници во образованието ќе се воведуваат етапно, а целосно ќе бидат воведени за пет години.
Раководителот на Секторот за образование, Александар Јовановиќ поддржува реформи во образованието, но смета дека треба да започнат во високото образование, а не во основното, посочувајќи дека реформите треба да бидат транспарентни и да бидат спроведени, најпрвин во неколку училишта во државата како пилот проект, за да се утврдат бенефитите, но и недостатоците.
Училиштата во Куманово веќе се опремени со смарт уреди и се подготвени за реформите, но според Јовановиќ, примарен извор за стекнување знаење на ученикот треба да остане печатениот учебник, а не дигиталниот, што пак, не значи дека е против дигитализацијата.
Новиот концепт беше изготвен во март годинава од работна група од 12 члена, според кои таа обезбедува настава ориентирана кон продлабочено и смислено учење базирано на критичко мислење и логичко заклучување, осмислување и поврзување на информациите и решавање проблеми. Планот на МОН е за пет години да биде реформирано целото деветгодишно основно образование.