ВИДЕО: Викторија и Марко од „Српски вез“ – најдобар играорен пар на фестивалот во Дражевац

Викторија Краљевска и Марко Младеновски од првиот ансамбл на КУД „Српски вез“ се прогласени за најдобар играорен пар на Меѓународниот фестивал на фолклор и настап во Дражевац, а носијата на Ана Стефановиќ  е избрана за најдобра стилизирана носија која е претставена на сцената. Од фестивалот во Србија на кој учестувале културно- уметнички друштва од Србија, Република Српска, Бугарија и „Српски вез“ од Македонија, членовите на културно -уметничкото друштво од Куманово се вратија со два пехари и две први места.

За Викторија и Марко настапот на Меѓународниот фестивал во Србија како играорен пар бил изненадување.

-Наградата многу ни значи особено што првпат играме како пар и освоивме прво место, добивме пехари, диплома. Ние не очекувавме награда бидејќи ова беше изненадување за нас, не се подготвивме, не знаевме дека ќе учествуваме. Јас сум десет години член на „Српски вез“, од првиот годишен концерт, сега веќе работам со деца, асистент сум на Марко, десет години настапуваме во повеќе европски држави, имаме четири групи со кои работиме во КУД, изјави Викторија Краљевска, КУД „Српски вез“.

-Случката беше многу интересна бидејќи не знаевме дека ќе настапуваме. Првин настапија членовите на нашата средна група, нашиот младински ансамбл, кои што се претставија со игри и песни од Кумановско поле, потоа за нас, непознато излеговме на сцената, настапивме во работна униформа, немавме носија бидејќи не бевме подготвени за настап.  Настапивме со колешката Викторија, првин пуштија оро од Бугарија, потоа од Србија и третото беше орото – црногорка. Почнавме да играме, тоа беше чиста импровизација, мора да признаеме, но се потпиравме на нашето искуство кое го стекнавме овде. Фолклорот во денешно време сите сме свесни дека го тргаат малку на страна, но се прави голема грешка затоа што фолклорот ни кажува кои сме, а исто така е многу битен за децата затоа што ја подобрува нивната ментална, физичка и психичка состојба бидејќи додека играаат фолклор дечињата го користат целото тело, исто така го употребуваат и мозокот, односно му даваат најразлични функции преку играта, изјави Марко Младеновски, етнокореолог и уметнички раководител на КУД „Српски вез“.

Изминатите десет години „Српски вез“ настапувало на голем број фестивали надвор од Македонија, има добиено стотина дипломи, пехари и пофалници кои што ги разубавуваат полиците во просториите на културно-уметничкото друштво.

Коментари

коментар(и)