ВИДЕО: Во манастирот во Матејче се празнува Мала Богородица

Во манастирот „Успение на Пресвета Богородица“ во село Матејче утре ќе се одбележи Мала Богородица. И годинава како и претходните години, христијанските верници самоиницијативно се организираат со цел достоинствено да го прослават празникот Рождество на Пресвета Богородица. Традиционално, по литургијата ќе се избира кум за наредната година.

-Кум на оваа манифестација порано се избираше со самопријавување, кои сакаат да бидат кумови се пријавуваа, настрана застануваа и по завршување со литургијата попот прашува кој сака да биде и се јавува некој. Но, секоја година има се повеќе и повеќе заинтересираност, па за да не дојде до некое несогласување мој предлог беше кум да се избира со кршење на лепче во кое има паричка. Мислам дека така е најисправно и првата година со паричка во лепчето и најрегуларно мислам, среќата му се падна на новиот кум на кого му го предавам кумството, да му даде Господ здравје и благосостојба, исто како и на мене, оваа година за мене беше многу успешна, изјави Марјан Боровиќ- Скорупан, стариот кум

Боровиќ ги повикува кумановци утре да бидат дел од празнувањето на Мала Богородица посочувајќи дека патот до манастирскиот комплекс е расчистен и прооден.

-За Матејче патот ќе биде прооден, среден. Ќе одиме со самоорганизирање, се надевам дека како и претходните години и оваа година ќе има се повеќе народ на овој голем христијански празник. Ги повикуваме сите верници, христијани кои сакаат нека повелат на одбележувањето на големиот празник Рождество на Пресвета Богородица.  Литургијата, зависно кој кога ќе пристигне, се одржува штом ќе се соберат сите граѓани. Нема конкретно во колку часот, некогаш во 09 часот, некогаш во 09.30, 10.00 часот , патот е долг до Матејче, најчесто чекаме да се собере народот за да започне литургијата. Воедно сакам да се заблагодарам и на луѓето што секоја година излегуваат кај манастирот, за одбележувањето имаме и поддршка, доколку немаме сопствени средства за подготовките пред празникот, бараме и добиваме помош од надлежните институции, изјави Марјан Боровиќ- Скорупан, стариот кум

-Сакам да ги поздравам сите верници и да ги поканам воедно утре на Мала Богородица да излезат што помасовно да го одбележиме празникот во село Матејче. Со кршење на лепчето ми се падна паричката, ја имав таа среќа да ми падне паричката на мене и така го преземав кумството од Маријан и да ја продолжиме традицијата. Се надевам дека ќе даде Господ здравје, среќа и радост на сите, благодарност до стариот кум, до сите надлежни што ни помогнаа и до сите граѓани кои ја чуваат традицијата изјави Даниел Димитровски, новиот кум

Црквата „Успение на Пресвета Богородица“ е изградена во 1362 година, а нејзин ктитор е цар Душан.

Манастирскиот комплекс со конаците и детското одморалиште над селото Матејче се наоѓа во Општина Липково на Скопска Црна Гора и до пред две децении беше меѓу најатрактивните дестинации за посета од кумановци, но и граѓани од целата држава. По конфликотот во 2001-та, црквата помасовно се посетува само за празникот Мала Богородица на 21 септември.

Инаку, по повеќе години не грижа од надлежните институции, за манастирот „Успение на Пресвета Богородица“ во село Матејче предминатата година беа обезбедени средства од државата за заштита на архитектурата и иконите. Министерството за култура за проекти од национален интерес во областа на недвижно културно наследство во 2021-та година во програмата културно наследство во опасност, одвои еден милион денари за превентивни интервенции на архитектурата и ѕидното сликарство на црквата и на камбанаријата.

Коментари

коментар(и)