ВИДЕО: „Графички приказни“- самостојна изложба на Стефан Јакимовски утревечер во Центарот за култура

Во изложбениот салон на Центарот за култура „Трајко Прокопиев” утревечер ќе биде отворена самостојна изложба на Стефан Јакимовски насловена „Графички приказни – Визуелни приказни раскажани преку ликовната и применета уметност“. Кумановци во наредните две седмици ќе имаат можност да видат триесетина графички дела од Јакимовски, за кој што се вели дека е уметник кој со својот приказ и експресија на делата го поместува реалното и имагинарното и постојано е во потрага по нови прикази на своите дела кои ги следи и вклопува во модерните текови.

-Се работи за триесетина графички дела кои што се работени во дигитален медиум, а опфаќаат еден склоп на применетата и ликовната уметност, самите дела се работени последните неколку години, дел од нив се веќе произлезени во јавност како што се театарски плакати, одредени концерти, различни настани кои сум ги работел така што мислам дека самата изложба има еден интересен концепт, мултимедијален и ги поканувам сите уште еднаш да дојдат и да ја проследат. Делата ќе бидат поставени наредните две седмици со можност истите подоцна да ги посетат и другите градови ширум Македонија, изјави Јакимовски.

Стефан Јакимовски е редовен професор на Факултетот за дизајн и мултимедија при АУЕ-ФОН-Универзитет и основач на катедрата за графички дизајн на истиот факултет.

По покана одржува гостински предавања на Балкански универзитет-Скопје, Универзитет Мајка Тереза-Скопје но и научно-истражувачка посета на IT-University of Chopenhagen-Данска оддел за дигитален дизајн.

Предава предмети од областа на графика,графички дизајн, типографија, плакат, корпоративна комуникација.

Автор е на многу графички решенија и учесник на меѓународни конкурси, симпозиуми и изложби. Јакимовски е член на повеќе стручни жири комисии, рецезент на книги за средно стручно образование и ментор на наставни и вон наставни проекти.

Јакимовски за својата досегашна работа има добиено повеќе награди и признанија.

 

Коментари

коментар(и)