ВИДЕО: ГФК Куманово нова надеж за талентираните кумановци

По повеќе од две децении Куманово доби Градски фудбалски клуб со фузирање на три постоечки приватни фудбалски клуба во градот. Проектот е поддржан од општина Куманово, а преку Општинскиот сојуз на спортови одвоени се еден милион и сто илјади денари за ГФК Куманово.
„Поради несоодветни инфраструктурни капацитети на градскиот стадион, тренинзите периодов ќе се реализираат на спортскиот терен на ФК Студена вода во Доброшане и на теренот кај спортската сала“, информира претседателот на Градскиот фудбалски клуб Куманово, Владимир Павловски.

-После две децении потекна иницијативата од фудбалските работници во Куманово на чело со Тони Раденковиќ – ФК Куманово 2012 и Александар Маневски од ФК Еуроспорт и Ненад Крстевски -ФК Студена вода. На Куманово му недостигаше 20 години фудбал на високо ниво, општината застана финансиски зад овој проект и очекуваме во следната сезона 2024-2025 да играме во втора лига. Клубот е формиран т.е е превземен, ФК Студена вода е сменето името во Градски фудбалски клуб Куманово со што се фузирани ФК Куманово 2012, ФК Еуроспорт и ФК Студена вода. Натпреварите ќе ги игра ГФК Куманово моментално на теренот во Доброшане на ФК Студена вода поради немање на инфраструктурни капацитети на градскиот стадион во Куманово и останатите терени, а тренинзите на младите категории ќе се одвиваат на теренот кај спортската сала во кој што ќе учествуваат сите школи и тендеција е да ги повикаме сите фудалски клубови да влезат во ГФК Куманово за да развиваме нови таленти да може да настапуваме во повисоки лиги, изјави Владимир Павловски, претседател на ГФК Куманово

Павловски информира дека откако е регистриран во декември минатата година, Градскиот фудбалски клуб Куманово добил засилување со двајца кумановци кои што веќе играле во втора лига. Од клубот очекуваат да им се приклучат и други фудбалски школи од нашиот град и да се создаде единствена младинска и сениорска екипа која ке се натпреварува во највисок ранг. Освен од општина Куманово, клубот очекува поддршка и од Фудбалската федерација на Македонија кога станува збор за целосно ставање во функција на градскиот стадион.

-Во овој зимски период спортските работници кои што учествуваат во ГФК Куманово успеаа да донесат два нови играчи од „Локомотива„ Скопје и од „Борец“ Велес, тоа се кумановци кои што имаат веќе играно во втора лига и кои што ќе го засилат овој тим за амбициите да се реализира проектот за влез во втора лига. Моментално клубот е поддржан минимално со милион и сто илјади денари од Сојуз на спортови, претпоставуваме дека ќе бидат доволни да се заврши оваа полусезона, а очекуваме од општина Куманово, како и ги повикуваме сите успешни бизнисмени од Куманово да се вклучат во овој проект и да помогнат во развој на клубот. Општина Куманово прави напори да се обезбедат средства кои што моментално ги нема, се работи за огромен број на средства кои што би требало да бидат обезбедени од Фудбалскиот сојуз на Македонија, така што упатуваме и апел до ФФМ да ни обезбедат средства за да може да го реконструираме градскиот стадион и помошните терени каде што би можело да продолжи развојот на фудбалот, изјави Павловски.

Тимот ќе се докомплетира во текот на летниот период пред почетокот на следната сезона 2023/2024 година и амбиција е следната сезона да се напредува и да се обезбеди влез во втората лига.

 

Коментари

коментар(и)