(ВИДЕО) Две седмици без општински линиски превоз

Граѓаните на Куманово и околината се уште мака мачат како да стигнат навреме на работа, на лекар, во градинка, зависно кој каде има потреба да се оди, откако од први јануари градот остана без општински линиски превоз. Тендерот е отворен, надлежната комисија работи секој ден, постапката е во тек, но и денеска нема одлука кој ќе ги превезува граѓаните во наредните години. На тендерот се пријавиле неколку превозници кои конкурирале за 24 линии во општината.

Граѓаните, работниците, родителите, но и сопствениците на фирмите последниве две седмици имаат дополнителни финансиски трошоци за такси услугите што ги плаќааат секојдневно за да се стигне до потребната локација. Сметаат дека општината задоцнила со изборот на превозници и не смеела да дозволи град со над 100.000 жители да остане без општински линиски превоз.

Инаку, на 30 декември на сајтот на општина Куманово беше објавено известување дека од 01.01.2022 година поради истек на важноста на дозволи на превозниците за општински линиски превоз на патници на подрачјето на Општина Куманово, ќе престане да се одвива јавниот превоз се до завршување на постапката објавена со оглас за уредување на општинскиот линиски превоз на патниците на подрачјето на Општината, од 14.12.2021 година, објавен од страна на градоначалникот на Општина Куманово.

 

Коментари

коментар(и)