„МТСП се обидува со неоснована постапка да изврши притисок врз локалната самоуправа за да се наметне решение за директор на градинката евентуално избрано по партиски клуч, обвини градоначалникот Максим Димитриевски на денешната прес-конференција.
„Ако се земе во предвид дека предложениот кандидат 20 години е директор на Установата последователно, согласно член 37 од Статутот на Установата нема право на повторен избор пред истек на четири години од неговиот последен избор и не е во можност да ја реализира и понудената четири годишна програма за работа на оваа установа, рече Димитриевски.
-Воедно, од моја страна како градоначалник на општина Куманово им е укажано на членовите на Управниот одбор со допис дека умисленото и свесното постапување спротивно на законите и Статутот го исполнуваат битието на кривичното дело Злоупотреба на службената положба и овластување.
И покрај тоа, до мене како градоначалник е доставен по втор пат предлог за избор на кандидат за директор со кој повторно се предложува истиот кандидат кој не ги исполнува условите за избор на директор согласно највисокиот акт на оваа установа – Статутот, а за кој членовите имаат донесено одлука за изменување на Статутот на истата седница, со која се брише членот 37 став 3 од Статутот на Установата, а одлуката ја немаат доставено до Советот на општина Куманово за добивање согласност, заради што истата не предизвикува правно дејство, рече Димитриевски.
Градоначалникот Димитриевски истакна дека од страна на општина Куманово покрената е соодветна кривична пријава против членовите на Управниот одбор и за истите ќе се водат соодветни постапки пред надлежни органи.
-Јас како градоначалник на општина Куманово согласно своите надлежности за запазување на законитоста на постапката и должноста за пријавување на сторени кривични дела не го прифатив предлогот за што го известив Управниот одбор, т.е Установата и донесов Решение за именување на вршител на должност директор на ЈОУДГ „Ангел Шајче“ – Куманово, кој согласно закон функцијата ќе ја извршува од 01.06.2023 година до именување на нов директор, т.е избор на нов директор и тоа најмногу во рок од 6 месеци од денот на неговото именување. Очигледно е дека со овие постапувања МТСП се обидува со неоснована постапка да изврши притисок врз локалната самоуправа за да се наметне решение за директор евентуално избрано по партиски клуч, односно да се овозможи на таканаречените “вечни директори” да продолжат да менаџираат со институциите на локално ниво, штитејќи ги партиските интереси наспорти општите граѓански интерес, рече Димитриевски.
Иако Димитриевски донел решение за именување на вршител на должност директор на ЈОУДГ „Ангел Шајче“ – Куманово, тој денеска на прес-конференцијата не откри кој ќе ја извршува функцијата од први јуни годинава, само рече дека во текот на денот писмено ќе бидеме известени.