Преку нови технологии и иновации, Агенцијата за иновации, научно-технолошки развој и претприемништво – ИНОВА ќе им помага на компаниите во нивниот раст и развој, истакна директорката Даниела Димовска, по денешната посета на „Бучен Козјак“ во Куманово, млекарница која повеќе од четири децении претставува синоним за традиционални и квалитетни млечни производи на македонскиот пазар.
Новоформираната Агенција ИНОВА периодов работи на креирање на програмата чија што имплементација ќе започне од следната година.
Фокусот на Агенцијата за иновации, технишко-технолошки развој и претприемништо ќе биде на доделување на финансиски средства за иновациски проекти за раст на новоосновани трговски друштва, старт-ап и спин-оф претпријатија, доделување на кофинансирани грантови и условени заеми за комерцијализација на иновации.
-Денес сме во посета на „Бучен Козјак“ во Куманово, компанија која што е пример за квалитет и традиција. Како Агенција за иновации, научно-технолошки развој и претприемништво сме тука да им помогнеме на компаниите во нивниот раст и развој преку нови технологии и иновации. Со директорката Наташа разменивме многу идеи за меѓусебна соработка. Целта на нашата посета е што постојано сме на терен помеѓу бизнис заедницата и компаниите бидејќи сакаме да ги извлечеме проектите кои самите ќе ги понудат да добијат едни реални проекти кои ќе влезат во програмата на нашата институција за следната година. Моментално сме во фаза на подготовка на програмата, Покрај компаниите, се гледаме и со научниот сектор, ја креираме програмата која од први јануари веќе ќе биде имплементаторна за компаниите и за сите корисници на истата, изјави Даниела Димовска, директор на Агенција за иновации, научно-технолошки развој и претприемништво – ИНОВА.
Агенцијата делува како самостоен орган, независна во својата работа. Нејзина област на дејствување е да дава услуги и финансиски средства согласно со стратегии кои се однесуваат на финансиска поддршка на иновациите, научно-технолошкиот развој и претприемништвото.
Инаку, компанијата „Бучен Козјак“ континуирано ја негува својата политика за квалитет, посветено работи кон остварување на поставените цели и се стреми кон усовршување на производствените капацитети и персоналот, како и унапредување на работната атмосфера.
„Нашата мисија е да ја зачуваме традицијата на производството на млечни производи, но истовремено и да ја унапредуваме со модерни решенија, следејќи ги најдобрите светски трендови во индустријата“, посочуваат од компанијата.
Во февруари годинава, „Бучен Козјак“ доби престижно признание за значаен придонес во развојот на млечната индустрија на Меѓународната агробизнис конференција – МАК 2025, која се одржа во Србија.