Најталентираните учесници на третиот музички фестивал „Мали, но големи пејачи“, вчеравечер има можност повторно да се претстават пред публиката во салата на Занаетчиски дом и да уживаат во силните аплаузи од семејството, менторите, наставниците.
„По завршувањето на големиот музички фестивал „Мали, но големи пејачи“ кој се одржа на 16 мај годинава во големата сала на НУЦК „Трајко Прокопиев“, во организација на АКУ „Мулти Арт“, а поддржан од Општина Куманово, дојдовме до идеја да се наградат талентираните пејачи овозможувајќи им дополнително претставување на големиот интерпретаторски потенцијал. Благодарение на Фондацијата за култура и спорт Куманово ќе имаме можност да се увериме во големиот талент на малите, но големи пејачи“, истакна професорот по музичко образование Стојадин Ивановски – Дине, идеен творец на фестивалот и иницијатор на музичката вечер, препознатлив по својот огромен придонес во културниот живот.
„Концертот се одржува во чест на државниот празник 23 Октомври – Ден на Македонската револуционерна борба. Кумановските таленти приредија прекрасна музичка вечер исполнета со детска позитивна енергија. Сакам да им препорачам на сите талентирани дечиња кои што сакаат да пеат, сакаат да го покажат својот талент и не само сакаат, тие треба да го покажат својот талент, да ја искористат шансата која што им ја дава Асоцијацијата за култура и уметност „Мулти Арт“, да ги искористат овие манифестации што ги организираме за да го покажат и да го изразат својот талент, кажа Драгана Станишковски од АКУ „Мулти Арт“.
Посветен на детскиот талент, креативноста и љубовта кон татковината, концертот уште еднаш покажа дека најубавите пораки се пренесуваат преку песната, музиката и искрената детска насмевка.
„Наредната година ќе излезат и конкурсите и за „Мали, но големи пејачи“ и за „Бисерчиња“ и така ги очекуваме сите нови дечиња кои што чувствуваат дека сакаат да застанат на сцена и сакаат да пеат, да повелат и да се пријават“, порача Станишковски.
