„За Велигден“ е насловена најновата песна на слободниот уметник од Куманово, Јовица Ивановски. Текстот и музиката за ова вредно духовно дело се на самиот изведувач, а аранжманот на познатиот музичар, кумановецот Боби Серафимовски. Спотот за песната која е снимена во манастирскиот комплекс Света Петка во село Габреш е на телевизија Плус.
Шеесет и едногодишниот уметник, кој освен со музиката активно се занимава и со книжевноста и сликарството вели дека првичните реакции на слушателите се одлични. Се надеваа дека песната ќе заживее особено за претстојниот празник.
Ивановски започнал со уметноста и музиката на 12-годишна возраст. Потоа продолжил да слика, како и секој почетник пејсаж и природа. Надоградувајќи се, се јавила љубовта кон изработката на икони и фрески. Вели предизвик е да се цртаат икони. Особено е поврзан со изработките на иконите со ликот на Света Петка.
Ивановски има издадено и пет книги, од кои две збирки поезија, краток расказ, роман и новела. Досега имал и неколку самостојни но учествувал и на групни изложби на локално и меѓународно ниво. Во 2021 година одржа и изложба насловена Кругови, по повод 30 години ликовно творештво.