Околу седумдесет проценти од училиштата делумно или целосно се реконструирани во изминатите осум години, истакна градоначалникот Максим Димитриевски на стартот на новата учебна година. Во наредниот период се планира обнова на повеќе од десет училишта, вели Димитриевски, но колку од проектите ќе бидат одобрени ќе зависи од министерството за образование и наука.
– Општината го чека повикот на ресорното министерство за да аплицира, имаме веќе над десет готови проекти, меѓу другите се и основното училиште „Кочо Рацин“, „Вера Которка“, како во урбаните, така и во руралните средини. Капиталните инвестиции се под надлежност на МОН и верувам дека на следниот повик некои од тие проекти ќе ни бидат одобрени. Од вкупниот број, 21 училиште во Куманово ние во изминатите 8 години успеавме некаде 70 проценти од училишните капацитети да направиме делумна или целосна реконструкција, ни останаа уште неколку училишта за да бидат довршени и тие постапки, ЈП „Куманово план“ ги има изготвено проектните документации кои што се подготвени за апликација, изјави Димитриевски.
Во однос на следењето настава во услови на високи температури, Димитриевски вели дека дел од училиштата во Куманово се климатизирани и не очекува евентуално одложување на наставата.
Министерката за образование и наука, Весна Јаневска порача дека училиштата мора да ги почитуваат протоколите за работа при превисоки температури. Протоколите се објавени на веб-страницата на министерството за образование и наука(МОН). Тие се доставени и до сите училишта.