За неколку дена ќе се стабилизира состојбата со изнесувањето на натрупаниот комунален отпад од поширокото градско подрачје, населбите и селата, откако вчера изутрина беше отстранета блокадата на пристапниот пат кон депонијата Краста од жителите на селата од пчинскиот регион, соопшти денеска директорот на комуналното претпријатие Сашо Томиќ. ЈП „Чистота и зеленило“ со помош на Општина Куманово и општествено одговорните компании продолжува со санација на депонијата Краста и унапредување на состојбата на депонијата и други мерки по предлог на жителите на пчинскиот регион. Јавното претпријатие „Чистота и зеленило“ да формира еко патрола во соработка со претставници на месните заедници и невладини организации во селата Пчиња, Студена Бара, Вак’в и Винце која ќе врши неделен мониторинг на состојбата на депонија „Краста“, е само еден од заклучоците од состанокот на Општинскиот штаб за заштита и спасување одржан викендов.
„Иако блокадата е отстранета во договор со жителите, ние остануваме на нашите барања кои што им ги упатувавме на надлежните локални и државни институции изминатите шест месеци. Имавме конструктивни разговори за надминување на проблемот и очекуваме дека соработката со Општина Куманово ќе биде уште посилна. Им се извинуваме на граѓаните на Куманово за предизвиканата состојба изминатите денови, но сите ние го дишеме истиот воздух. Договорена е повторна средба со надлежните за еден месец, изјави вчера во телефонска изјава Александар Илиевски, претседател на МЗ Пчиња.
Блокадата на патот кон „Краста“ траеше шест дена, а последните два дена од протестот сметот се депонираше на депонијата Дрисла. Откако отпадот на депонијата беше целосно затрупан со земја и пожарот изгаснат, жителите на селата од пчинскиот регион дозволија екипите на ЈП „Чистота и зеленило“ повторно да носат комунален отпад на Краста.