Општата болница во Куманово од денеска се затоплува на гас. Вработените од јавното претпријатие „Куманово гас“, по неколкуте пробини тестирања, утринава установата ја приклучија на мрежата. Болницата досега се затоплуваше на мазут, кој се смета за еден од поголемите загадувачи на воздухот.
-Во претходниот период имавме ние неколку тест проби се беше како што треба и денеска официјално болницата влегува како наш корисник на гас. По проекциите треба да биде наш најголем потрошувач. Сите безбедносни системи се обезбедени-истакна директорот на ЈП „Куманово гас“, Марко Митровски.
Од општината велат се решава децениски проблем кој ќе овозможи подобро затоплување на општата болница, а ќе се реши и проблемот со аерозагадувањето.
-Општината, Советот континуирано веќе неколку години наназад се залага за ширење на гасификационата мрежа низ цело Куманово. Проблемот сега е покачувањето на цената на овој енергенс и се помалата достапност. Се надевам за поскоро решавање на проблемот, стабилизирање на цената на енергенсот кој за Куманово значи многу, бидејќи знаете дека Куманово е една од најгасифицираните општини, на тој начин ќе се придонесе и за индустријата, за спречување на загадувањето а и побрзи приклучоци до домаќинствата-посочи Ивана Ѓорѓиевска, претседател на Совет на Општина Куманово.
Со цел да ги стимулира граѓаните да користат гас, како најевтин и еколошки енергенс, општина Куманово веќе неколку години обезбедува субвенции за приклучок на домаќинствата. Во моментов цената изнесува 15.000 денари.
Дека кризата влијаеше на работата на јавното претпријатие потврди и директорот Митровски. Вели потрошувачката за изминатите три месеца е намалена за 50 проценти. Најавена е и нова цена на гас за април.
-За март цената е 65 денари, истата како за февруари. Од април ќе биде околу 100 денари за нормален метен кубен гас. Известени се корисниците за новата цена, од денот кога го добивме известувањето, во тек е известување на приватни потрошувачи. Крајот на грејната сезона завршува на 15-ти април, што ќе биде во наредната сезона не знаеме и не можеме да проектираме-дополни директорот.
Со цел надминување на кризата Локално економскиот социјален совет, заедно со Општина Куманово организираше средби со кумановските стопанственици и претставници на институциите, кои можеа да слушнат за придобивките од поставувањето соларни фотонапонски панели и сопствено производство на електрична енергија.