Меѓународниот театарски фестивал „Денови на комедија“ своето 28 издание ќе го има од 24 септември до 09 октомври годинава во Центарот за култура „ Трајко Прокопиев“. На десетти октомври љубителите на комедијата ќе имаат можност да го проследат репризното издание на претставата на Театар Куманово „Разбуди се Тина“, а ќе бидат доделени и наградите, соопштија надлежните на денешната прес-конференција.
На сцената во Центарот за култура ќе бидат одиграни единаесет претстави на театрите од Македонија, Србија и Бугарија.
Лауреат на Меѓународниот театарски фестивал „Денови на комедија 2025“ е истакнатата актерка Весна Петрушевска.
Наградата „Васил Иљоски“ на Весна Петрушевска и се доделува за нејзиниот исклучителен придонес во театарската уметност, а особено во областа на комедијата. Свеченото врачување на наградата ќе се одржи на денот на отворањето на фестивалот, во големата сала на Центарот за култура.
Фестивалот е поддржан од Министерството за култура и туризам и Општина Куманово.