„До крајот на годинава е предвидено да се изработи само документациската основа за потребите на Генералниот урбанистички план, а планската документација следната година. Ориентационо, нацрт-планот на ГУП се очекува во септември следната година“, соопшти овластениот раководител на Одделението за урбанизам Ана Поповска, на седница на Советот на Општината, на која беа изгласани измените во програмата за урбанистичко планирање за 2026 година.
Инаку, планската програма за новиот ГУП на Куманово беше одобрена во јануари 2024 година. Според надлежните од Општина Куманово, во новиот ГУП влегуваат приградските населби Карпош, Иго Тричковиќ, Железничка станица, делот меѓу Куманово и село Биљановце, дел помеѓу Куманово и село Доброшане … оние населени места кои немаат статус ниту на град, ниту село.