Премиерната изведба на претставата „За кого бијат камбаните“ во режија на Мартин Кочовски е последната претстава во богатата актерска кариера на Горан Илиќ кој летово ќе замине во пензија по речиси пет децении на сцената.
Во полната сала на НУ Центар за култура „Трајко Прокопиев“ колегите и публиката со долг аплауз и награди му го честитаа пензионирањето. Официјално во Театар Куманово Илиќ бил вработен на 1 ноември 1984 година, а професиналниот живот му е исполнет со многу успешни и наградени претстави за својата улога во нив.
– Аматерски во театар сум од 1976 година со улоги, претходно статирав, значи 47 години сум во овој театар, ама имам играно и во други театари, 28 претстави во театари низ Македонија, Хрватска, Словенија…. За мене една од најголемите улоги ми беше улогата на Луков во „Црнила“, таму не добив награда, но се растури жирито кога претседателот на жирито Мери Бошкова рече или Горан ќе добие награда или јас си одам. Тие не се сложија бидејќи година дена претходно добив и сега беше некако непријатно, овде во Македонија прават постојано такви математики, рече Илиќ.
За најновата претстава, Илиќ вели дека е многу напорна, но дека публиката мора да ги прифати и ваквите претстави кои што немаат забавен карактер.
– Ова е доста напорна претстава и многу работевме два месеци долги проби, многу пеење, кореографии, така да беше доста напорно за мене со оглед на годините и некои здравствени проблеми. Мора да го прифати публиката и треба да престанеме да размислуваме дека театар е само забава. Во театар не мора само да одиш да се смееш, мислам дека со тоа ни падна нивото постојано форсирајќи некои лесни забави и така и животот ни стана, тоа не е баш едноставно, рече Илиќ.
Вредноста на човечкиот живот, линијата меѓу моралното и неморалното и смислата на постоењето која произлегува од љубовта се дел од темите кои ги отвора оваа претстава. Според драматургот Лидија Митоска -Ѓорѓиевска во фокусот на претставата се наоѓа огромната обединувачка моќ на хуманоста и сочувството, но и големината и нескршливоста на човечкиот дух во безизлезни ситуации, а особено кога човек е исправен пред смртта.
Главната улога во претставата ја игра Давид Илиќ. Покрај него се и актерите Александра Михајловска, Александра Пешевска, Антонио Димитриевски, Владо Дојчиноски, Горан Илиќ, Дубравка Киселички, Жарко Јовановиќ, Јанка Лефкова, Кети Дончевска-Илиќ, Мирослав Петковиќ, Мишо Димитријевски Шипе, Нина Максимова и Чедомир Митевски.
За кого бијат камбаните е поддржана од министерството за култура, а е подготвена за изведба во година кога Театар Куманово одбележува 75 години од постоењето.