ВИДЕО: Одбележан Светскиот ден на театарот во НУЦК „Трајко Прокопиев“

Со трибина насловена „Разговори за театарот“ актерите од кумановскиот театар денеска во НУ Центар за култура „Трајко Прокопиев“ го одбележаа Светскиот ден на театарот, 27 Март. Светската и македонската порака напишани од египетската актерка Самиха Ајуб и театарската и филмска актерка Теута Ајдини-Јегени ги прочитаа актерите од Театар Куманово, Жарко Јовановиќ и Владанка Димковска.

– Ние и никој друг, ја имаме способноста да го афирмираме животот. Затоа да го шириме животот заедно за доброто на светот и човечноста“, вели во својата порака по повод Светскиот ден на театарот Самиха Ајуб.

Авторката на националната порака од Македонија, Теута Ајдини-Јегени, пак, за театарот ќе рече „Љубов! Тоа е вистинскиот збор – кој ми доаѓа на ум кога мислам на театарот, кога сум во него, на сцената, во публиката, додека ја подготвувам улогата… А чувствата – е, тие не можат да се опишат така лесно со зборови…  тука се испреплетени и срцето и душата, и умот и телото, тука се и потта и солзите, и смеата и лутината, и болката и радоста…  Тоа е, сигурна сум, она што му се случува на секој театарски деец, затоа што без тие чувства не секој еден учесник во создавањето на идниот живот на една претстава, не ќе може да ја пренесе драмската магија до публиката. Секој еден од нас кој работи и живее со театарот, ја има таа љубов во себе. Но, да не должам со емоциите…

Драматургот Трајче Кацаров и книжевните и театарски критичари Гоце Ристовски и Тодор Кузманов сметаат дека иако театарот секогаш имал препреки на својот пат, сепак успешно опстојува.

Кумановските актери порачаа дека театарот мора да менува, ослободува и безгранично да создава.

– Негова должност е да не заштити од хипокризија, наша должност е да не го изедеме со егото. Мора да го браниме и пресоздаваме. Мора да не брани и пресоздава. За да станеме поголеми луѓе. Среќен светски ден на театарот, напишаа актерите од Театар Куманово

Коментари

коментар(и)