ВИДЕО: ООУ „Толи Зордумис“ со повеќе активности ја одбележува неделата на екологијата

Со повеќе активности основното училиште „Толи Зордумис “ ја одбележува неделата на екологијата, а воедно и пролетта. Рециклирање, цртање, изработка на различни предмети се само дел од активностите преку кои учениците заедно со своите наставници од еко-тимот во училиштето сакаат да ја подигнат еколошката свест кај учениците, наставниците, родителите, техничкиот персонал,  како и сите оние кои се вклучени директно или индиректно во училишната заедница.

Според координаторката на еко-тимот, Емилија Веселиновска главната цел на активностите е да се навлезе во сферата на заштитата на животната средина преку стекнатите теоретски знаења од екологијата и заштитата на животната средина како и зголемување на можноста на учениците на адекватен начин своите стекнати знаења да ги применат во средината во која  учат, се дружат, но и во секојдневието.

Неделата на екологијата преку соодветни активности се одбележува и во подрачното училиште во село Режановце, а група од дваесетина ученици заедно со своите наставници денеска беа дел од еко-работилницата во централното училиште.

-Заедно со колешките од централното училиште направивме еко- работилница во која учествуваат и 16 ученици од подрачното училиште од Режановце. Целта на оваа работилница е да ја пробудиме еколошката свест кај децата, кај повозрасните, така што ние денеска конкретно рециклиравме, правевме изработки од пластичен отпад, од картони и сл. И во подрачното училиште реализираме активности по повод неделата на екологијата, а денеска како Ден на водата изработивме пано за заштеда на водата, односно  како  да ја заштедиме водата, организиравме работилници, уредување на дворот, бојадисување на жардиниерите, изјави Александра Грубор, наставник по одделенска настава.

ООУ ,, Толи Зордумис “ – Куманово работи на интеграција на еколошкото образование во наставата. Училиштето е носител на Бронзено ниво – како единствено училиште во општината и со право го има стекнато епитетот ЕКО – училиште.

„И оваа учебна година продолжуваме со стекнатото знаење на темата животна средина да го применуваме во пракса преку разна едукација, активност, игри и истражувања. Во реализација на овие активности имаме целосна подршка од страна на училиштето во поглед на технички, финансиски и просторни капацитети, посочува  координаторката на еко-тимот во Толи Зордумис, Веселиновска.

Коментари

коментар(и)