Околу двеста ученици од 17 основни училишта од земјава денеска беа дел од Државното првенство во гимнастика кое се одржа во Куманово. Домаќин на натпреварот беше основното училиште „Христијан Тодоровски Карпош“, а во организација на Општинскиот сојуз на училишен спорт и Федерацијата на училишен спорт на Македонија.
-На државното првенство учествуваат 145 учесници во женска категорија и 30 учесници во машка категорија. Поделени се по категории, од прво до трето одделение се со ревијален настап, а од 4 и 5, 6 и 7, 8 и 9 одделение, тоа се три категории кои се натпреваруваат за оценки и за пласман, за прво, второ и трето место. Прво треба да очекуваме дека нашите училишта, 9 училишта од Куманово кои учествуваат од вкупно 17 училишта на ниво на државата ќе ги освојат првите три места така што очекуваме успех за градот Куманово и како домаќин и како учесници. Всушност, училишниот спорт претставува основна клетка каде што клубовите треба да црпат кадри понатаму каде што треба да очекуваме ова државно првенство да вроди со плод, со масовност, а со масовноста секако дека ќе следи и квалитет, изјави Ивица Ѓорѓиевски, претседател на Сојуз на училиштен спорт Куманово
-Ние го прифативме предлогот да бидеме домаќини со задоволство и се потрудивме да обезбедиме добри услови за реализација на самиот натпревар на ниво на Македонија во нашиот град. Гимнастиката како индивидуален спорт е многу добар за психофизички развој на децата. Јас како мал активно се бавев со гимнастика, гимнастиката ми е во крвта, затоа и прифатив да бидеме домаќини. Убаво е што помладите колеги по физичко и здравствено образование повторно работат активно во спроведување и имплементација на овој спорт во училиштата на самите часови и се надевам дека и во иднина гимнастиката ќе доживее поголем подем во однос на она што беше досега, изјави Мирољуб Пауновиќ, директор на ООУ „Христијан Тодоровски Карпош“
Државното првенство во гимнастика го отвори претседателката на Советот на општина Куманово, Ивана Ѓорѓиевска, потенцирајќи дека општината максимално го поддржува училишниот спорт, како и развојот и напредокот на сите спортови во Куманово.
-Како претседателка на Совет сум пресреќна што ја имав честа да го отворам државното првенство во гимнастика. Куманово е домаќин, односно ООУ „Христијан Тодоровски Карпош“ е домаќин на повеќе градови. Пред присутните кажав, ако атлетиката е кралица на спортот тогаш гимнастиката е нејзината ќерка, односно принцеза затоа што е преубава прво за гледање, а второ бара многу напори. Општина Куманово го поддржува секогаш спортот особено училишниот спорт, развојот на спортовите, затоа субвенционираме и пливање на затворениот градски базен, затоа инвестираме во спортски објетки, во исчекување сме на спортската сала да се реновира и да се стави во апсолутна функција што многу повеќе ќе ги подобри и условите на спортот во Куманово. Како педагог, како човек од образование свесна сум колку значи децата да се занимаваат со спорт уште од најмали нозе, тоа значи онаа стара поговорка, во здраво тело-здрав дух, значи децата кои се занимаваат со спорт се и деца кои се здрави и ментално здрави што можат да поднесуваат и порази и подеми. Јас како претседателка сакам да вложуваме во една здрава генерација, а здрава генерација е само спортска генерација, изјави Ивана Ѓорѓиевска, претседател на Совет на општина Куманово
Дека за гимнастиката има огромен интерес во Куманово и после речиси три децении се враќа на врвот, говорат и минатогодишните резултати на гиманстичарите од клубот „Атлета“ кои што од државното првенство во Битола се вратија со три освоени медали во поединечна конкуренција.