ВИДЕО: Повторно одземени ингеренциите на општината врз градинката „Ангел Шајче“

Министерството за труд и социјална политика ги одзема ингеренциите на општина Куманово за поставување и разрешување на директор во ЈОУ Детска градинка „Ангел Шајче“, но и за поставување и разрешување на в.д директор во оваа институција, соопшти денеска на прес-конференција градоначалникот Максим Димитриевски.

Решението од МТСП пристигнало вчера, рече Димитриевски.

– Искрено сум разорачан, се потврди со оваа решение дека историјата се повторува. Оваа централна власт не се согласува со неистомислениците, секогаш мора да се работи по нивен диктат и ова е најгрубо кршење на децентрализацијата во државата. Борбата на општината нема да застане, ќе ги искористиме сите правни средства, истото решение ќе го обжалиме пред надлежен суд и ќе ја водиме нашата борба во делот на поголема децентрализација бидејќи сметаме дека оваа јавна институција заслужува да има подеднаков третман како и останатите и да излезе од партиските пранги кои во моментот се сѐ поцврсти, рече Димитриевски.

Ова е трет пат на општината да и бидат одземени ингеренциите врз  детската градинка.

„Прв пат ингеренциите на Димитриевски му ги одзеде Мила Царовска, кога тој се обиде да ја смени од директорска позиција Марина Алексовска. Втората одлука беше на актуелната министерка Јованка Тренчевска за избор на наследник на Алексовска. Откако тогаш Димитриевски обзнани дека му се одземаат ингеренциите, експресно му беа вратени, а од вчера повторно е без нив“, се вели во соопштението испратено утрово до медиумите.

Коментари

коментар(и)