(ВИДЕО) Промовиран зборникот „Навраќање кон Конески“

Општина Куманово се приклучи кон одбележувањето на 100-годишнината од раѓањето на Блаже Конески, во рамките на културни настани во Националната програма “2021–Година во чест на Блаже Конески”, која е дел и од календарот на значајни меѓународни јубилеи на УНЕСКО.

Денеска во Занаетчискиот дом во Куманово се одржа промоција на Зборникот “Навраќање кон Конески”, на приредувачите Свето Стаменов, новинар на Македонското радио – Радио Скопје и познат македонски публицист и проф. д-р Вера Стојчевска – Антиќ, универзитетски професор и истакнат македонски историчар на книжевност, книжевен теоретичар и славист.

Градоначалникот на Општина Куманово Максим Димитриевски во своето обраќање истакна дека е голема честа да присуствува и да биде составен дел од едно големо одбележување, кое не само што е на национално, туку е и на интернационално ниво.

„Денеска верувам дека останува силен белег на она што значи чиста македонска етно генеза – потврдување на македонското писмо, на македонскиот јазик, којшто сите ние, а и во иднина нашите деца и идни поколенија ќе го говорат. Сето тоа што беше создавано, уште поголема е честа што општина Куманово доби можност да го одбележи тој ден. Во оваа прилика, сакам да се заблагодарам на иницијаторите за издавање на овој зборник и само сакам да потсетам кога првиот контакт го направи со мене почитуваната професорка Вера Антиќ и ми даде одобрение. Куманово се чувствува гордо, не затоа што сака да ги пренагласува одредени достигнувања, тие им се воопшто познати на македонската, но и светската историографија“, потенцираше Димитриевски и додаде дека денеска тоа се изучува на многу катедри насекаде во светот.

Димитриевски изјави дека заедно, здружени, обединети со заемно почитување меѓу сите кои живеат во Македонија може да се постигне уште многу повеќе.

„Се заблагодарувам на сите автори кои дадоа свое посебно излагање и во изработката на овој зборник, а особено апел до помладите кои работите во делот на едукацијата и изучувањето на македонскиот јазик да бидеме внимателни на кој начин сето тоа ќе го претставиме на идните генерации. Се додека постои македонскиот јазик постои и македонскиот народ. Постоел и ќе постои. Живееме во едно мултиетничко Куманово, во мултиетничко општество, кадешто сакам да ги празнуваме и одбележуваме сите заеднички моменти од нашата заедничка историја. Ова е дело на македонците, албанците, србите, ромите, власите, кумановчаните, скопјаните сите кои живеат во земјава“, рече Димитриевски.

Зборникот содржи избрани трудови на 29 врвни познавачи на животот и делото на великанот Конески. 2021 година е посветена на великанот на македонската култура Блаже Конески, со што Република Северна Македонија и официјално се приклучи кон одлуката на Генералното собрание на Обединетите нации оваа година да биде Година на мирот и довербата, каде со заеднички напори ќе се обезбеди траен мир, солидарност и хармонија.

-Оваа година Владата на РСМ ја прогласи за година на Блаже Конески а истовремено оваа годишнина се одбележа во рамките на УНЕСКО, заедно со јубилејот на Данте Алигери. Конески и Данте си го зедоа своето место во европската култура. Ова значи дека нашиот Блаже Конески се вгради во темелите на европската култура-истакна проф д-р Људмил Спасов, претседател на Советот за македонски јазик.

Приредувачите Стаменов и Стојчевска Антиќ, изразија благодарност до Општина Куманово за поддршката за издавањето на зборникот, нагласувајќи дека во државата е најтешко да се обезбедат пари за културата, без која пак и јазикот, не би можеле да опстоиме.

 

 

 

Share and Enjoy !

0Shares
0 0

Коментари

коментар(и)