(ВИДЕО) Промовиран Музејски водич за деца

Со промоција на првиот Музејски водич за деца, НУ Музеј Куманово денеска го одбележа  Меѓународниот ден на музеите, 18-ти Мај. Ученици од повеќе основни училишта денеска го посетија штандот со водичот во кој на педесетина страници е опишана постојаната музејска поставка во кумановскиот Музеј, почнувајќи од археолошкиот, историскиот и етнолошкиот дел. Водичот  е наменет исклучиво за децата од училишна возраст.

-Внатре во водичот има слики, скици и илустрации од постојаната музејска поставка заедно со движното и недвижното културно наследство. Ова е проект поддржан од НУ Музеј Куманово, а финансиран од Министерството за култура на РСМ. Промоцијата започна денеска во десет часот, a ќе трае во текот на целиот ден. Беа присутни дечиња од училишна возраст од OОУ „Толи Зордумис“,„ Браќа Миладиновци“, „Крсте Мисирков“, a oчекуваме посета и од другите основни училишта. Промотивната цена на водичот денеска беше 100 денари, а наредните денови ќе се продава по регуларна цена од 150 денари, изјави Мери Николиќ, НУ Музеј Куманово

Од националната установа информираат дека годинава по повод Меѓународниот ден на музеите, музејската организација ИКОМ додели награди на вработени во Музеј Куманово за музејски работници на годината.

-Музејски работник на годината за 2019- та година е Гоце Божурски, а музејски работник на годината за 2020 е Славица Крстиќ, двајвцата историчари на уметност, вработени во НУ Музеј Куманово, додека пак вработениот историчар Марија Живачки заедно со нејзиниот проект „Куќата на Христијан Тодоровски Карпош“ добија награда Музеј на годината, изјави Мери Николиќ, НУ Музеј Куманово

Меѓународниот совет на музеите (ИКОМ) со седиште во Париз е меѓународна мрежа на музеи и музејски професионалци формирана во 1946 година, која денес има над 40 000 професионални индивидуални членови во над 141 земја во светот, 119 национални комитети и 30 меѓународни комитети. ИКОМ го востанови Меѓународниот ден на музеите во 1977 година со цел да ја подигне јавната свест за улогата на музеите во развојот на општеството, и оттогаш овој настан постојано добива на значење.

 

 

Share and Enjoy !

0Shares
0 0

Коментари

коментар(и)