Да се биде учител, наставник, професор, воспитувач е најблагородната, најубавата, но и најодговорната професија што подразбира огромна посветеност не само кон младата личност туку и кон оној на кој му се потребни знаења, вештини и мотивација.
Денешниот ден, 5 -ти Октомври е посветен токму на нив, на просветните работници, на учителите.
Денот на учителот во Куманово се одбележа со литературен и ликовен натпревар на ученици од основните училишта. Наградните активности се во организација на општинскиот огранок на Здружението на одделенски наставници на Македонија „Учител“ , а во соработка со библиотеката „Тане Георгиевски“. Ликовните активности се реализираа во просториите на основните училишта „Крсте Мисирков“ и „Браќа Миладиновци“, а учениците литературно твореа на детскиот оддел во библиотеката.
– Денешниот ден го одбележуваме со еден настан кој што се реализира во ООУ „Крсте Мисирков“ и ООУ „Браќа Миладиновци“ по повод 5-ти Октомври, Денот на учителот со наставници кои што се членови на ЗОН „Учител“, тие учествуваат со по двајца ученици и тоа прво, второ и трето одделение учениците учествуваат во ликовна работилница која што се реализира во основните училишта, додека за четврто одделение е планирано и сега е во тек активност каде што децата литературно рецитираат, се изразуваат, додека петто одделение – литературно творење. Целта на настанот е да го одбележиме денот со тоа што ќе покажеме колкава е функцијата и значењето на учителот во развојот на секое дете затоа што тој со својата воспитно образовна дејност во голема мера го поттикнува, го мотивира, го охрабрува, му дава сигурност на детето и му помага во неговиот интелектуален и социо-емоционален развој, изјави Хилда Димитриевска, одделенски наставник во ООУ „Крсте Мисирков“
-Денеска во просториите на бибилотеката на детскиот оддел имаме дечиња од петто одделение кои што ќе творат на темата „Сите ние имаме крилја, а учителот е тука да не научи како се лета“. Знаеме дека денеска е Денот на учителот, ова е една благородна професија затоа што учителот е оној кој што ги инспирира децата и ги поттикнува децата понатаму кон нови знаења така што би сакала на сите просветни работници да им го честитам овој ден. Сега во моментот децата творат на оваа тема, подоцна ќе имаме награди за најдобрите и се надевам дека сите ќе бидат задоволни, изјави Христина Алексовска, директор на библиотеката „Тане Георгиевски“
Здружението на одделенски наставници „Учител“ е здружение кое ги опфаќа сите одделенски наставници на територијата на Македонија. Кумановските учителки, кои што се членови на републичкото здружение на одделенски наставници се првите во земјава кои што организираат ваква масовна манифестација, истакна општинскиот координатор на ЗОН „Учител“ од Куманово, Душица Јакимовска.
-Здружението на одделенски наставници ЗОН „Учител“ на ниво на држвата постои од 2021 година од март месец, го формиравме ентузијасти, одделенци, учителки од цела Македонија. Од Куманово, тука бев во организациониот одбор јас и уште една колешка и почна полека да расте, ова многу полека се одвиваше. Направивме програма во која беа опфатени разни активности по повод одбележување на позначајните празници и датуми, денот на азбуката, на учителот, 24-ти Мај, почетокот на учебната година, новогодишни работилници итн. Меѓутоа ние видовме во нашите членови дека има потреба од едукација, од неразјаснети прашања, од насоки, имавме безброј прашања кои требаше да се обидеме да ги одговориме и почнавме да бараме соработници и ги најдовме во други здруженија, во педагошките факултети, во библиотеките, во општинските ресорни дејности значи на образовните институции, во сите училишта ширум Македонија. Учествуваме на конференции, организираме вебинари и семинари, работилници како на општинско ниво така и на училишно ниво. Ние сме се уште младо здружени и немаме доволно финансии, меѓутоа како што сме вредници и работници со пчелки можеме да се споредиме, значи оваа наша вокација едноставно не тера, не гони да одиме напред. Нека е честит Денот на учителот на сите просветни работници!, изјави Јакимовска.
Претседател на здружението ЗОН „Учител“ е учителката Наташа Тодоровска од Битола.
Инаку, првиот учител кумановец бил Денко Крстев.