Кумановската фирма АДУТ ГВН годинава учествуваше на Шумадија саем во соседна Србија, а општина Куманово и општина Крагуевац потпишаа Меморандум за соработка. Целта е преку Меморандумот да се унапреди соработката меѓу двете локални самоуправи и пошироко, но и да се обезбедат подобри услови за соработка меѓу земјоделските производители од Македонија и Србија и полесен пласман на производите на странските пазари.
-Меморандумот има за цел заедничка организација на форуми и манифестации со кои треба да создадеме подобри услови за поврзување на земјоделците од нашите два града, но не само од Крагуевац и Куманово, туку генерално од Србија и Северна Македонија и со него да се дефинира заеднички настап на саемите во регионот. Сметаме дека со вакви спогодби, меморандуми придонесуваме кон веќе добрите односи меѓу Србија и С.Македонија и дека на овој начин пружаме искрена локална поддршка значајна за регионалната иницијатива Отворен Балкан. Претстојниот саем во Македонија ќе се одржи од 30 септември до втори октомври и веќе имаме некои најави, а секако дека и ние како Шумадија саем ќе настапиме, изјави Александар Штаин, директор на Шумадија саем
„Ова е првична соработка во областа на земјоделството, аграрот и економијата“, посочуваат надлежните од општина Куманово.
– Сите оние економски потенцијали кои ги има нашата општина првично соработката ја правиме со Шумадија саем а понатаму тоа ќе се прошири и со локалната самоуправа и со општина Крагуевац, рече Ахмет Јашаревски, општина Куманово
На петтиот меѓународен саем на земјоделство во Македонија кој ќе се одржи во организација на АДУТ ГВН, како и изминатите години ќе учествуваат повеќе фирми од Србија.
-Секоја година до сега имаме учесници од цела Србија, Р. Српска, Црна Гора, Хрватска, оваа година и Унгарија е земја партнер, имаме учесници од Грција, Турција, Бугарија, оваа година имаме учесник -фирмичка од Малта , значи малку пошироко. Ова е одлична можност, ние со директорот на Шумадија саем уште во мај месец разговаравме за учеството на вашите и нашите фирми овде во Србија да биде малку поорганизирано. Ние овде минатата година имавме 42 фирми во Србија, имавме делегација од министерството за земјоделство на Р.С. , работиме со неколку саеми изминативе години партнерски или соработка, имаме искуство веќе трета година со Агро Београд, работиме два саема во Врање, во Медвеѓе поддржуваме и сме партнери на пчеларскиот саем, така што често пати сме на некоја манифестација, а драго ми е што и овој саем овде, по нашите информации, вие сте втор саем во Србија по големина па мислам дека и близината и соработката може да опстои бидејќи има интерес и кај двете локални самоуправи, општини да можеме да го подигнеме тоа на повисоко ниво, изјави Драган Цветковиќ, АДУТ ГВН
За почетокот на добрата соработка со општина Крагуевац, АДУТ ГВН обезбеди бесплатни ваучери за тројца излагачи на земјоделски производи од Шумадија на претстојниот саем на земјоделство што ќе се одржи во Куманово.