ВИДЕО: Се реконструираат повеќе училишта во Куманово

Се подобруваат условите за изведување настава во кумановските училишта. Освен средните, целосно или делумно се реконструираат и основните централни, но и подрачни училишта. Деновиве заврши реконструкцијата на кровот и поставена е енергетско-ефикасна фасада на подрачното основно училиште „Кочо Рацин“ во селото Биљановце. Во училиштето настава следат дваесет ученици, а објектот е изграден 1963-та година. Претходно беа реконструирани „Карпош“ во Умин дол и подрачното училиште во село Љубодраг. Дел од училишните објекти освен што беа реновирани изминатиот период, ќе добијат и енергетско-ефикасна фасада.

-ООУ „Христијан Т.Карпош“ заврши со реконструкција, но остана уште енергетско-ефикасна фасада, одобрена е за реконструкција од страна на МОН и чекаме да се започне со реконструкцијата, за „Толи Зордумис“ исто така одобрена е фасада за реконструкција и училишната спортска сала, ОУ „11 Октомври“ финализира со реконструкција, енергетско-ефикасната фасада, а претходно се работеше на тоалетите, столаријата и ПВЦ прозорците, проектот е во тек, за подрачното училиште во Речица од сопствени средства на општината се менува кровната конструкција и подовите, потоа ОУ „Браќа Рибар“ во Табановце -одобрена е фасада за реконструкција, Умин дол и Љубодраг привршуваат со реконструкцијата, ОУ „Браќа Миладиновци“ одобрен е проектот за реконструкција на кровот, санитариите и ѕидовите во централното училиште, а во подрачното училиште во село Пчиња преку општината треба да се започне со комплетна реконструкција, во „Кочо Рацин“, неодамна беше заменета кровната конструкција од општина Куманово, сега аплициравме за комплетна реконструкција на училиштето, за училиштето „11 Октомври“ во Долно Којнаре поднесена е апликација до МОН, го чекаме проектот, исто така за „Вера Которка“ целосна реконструкција на повикот на МОН, „Кирил и Методиј“ во село Романовце, подрачното училиште во Агино село поднесено е за целосна реконструкција, „Битолски конгрес“ во село Лопате аплициравме за кровната конструкција и енергетски-ефикасна фасада. Општина Куманово за „Вук Караџиќ“ обезбеди средства за реконструкција на тоалети која треба веќе да започне, како и за „Кирил и Методиј“ преку општината ќе бидат заменети подовите и тоалетите, рече Александар Јовановиќ, раководител на Сектор за образование

Освен во училиштата, се подобруваат и условите за изведување на наставата по физичко и здравствено образование. Изминатиот период беа реновирани или новоотворени десет училишни игралишта, кои освен за настава, се користат и за вонучилишни активности.

Што се однесува до спортските сали кои не се поврзани на парните котли на училишните згради и во време на грејната сезона дел од нив се затоплуваат со алтернативни грејни тела, а дел од училишните спортски сали воопшто не се загреваат заради што учениците наставата по физичко ја изведуваат во студени простории, надлежните најавуваат решавање на проблемот.

-Од минатата година почнавме иницијатива да се направи проектна документација за поврзување и на овие училишни спортски сали на топлата врска на парниот котел на училиштето.Веќе е во завршна фаза изработката на оваа проектна документација и истите ќе ги аплицираме дали преку МОН, дали општината ќе изнајде средства да бидат поврзани со топла врска, рече Јовановиќ.

На последниот повик од МОН за доставување барања од училиштата за доградба, надградба и реконструкција на основни и средни училишта општина Куманово аплицираше со 11 проекти.

 

Коментари

коментар(и)