ВИДЕО: Се чистеа зелени површини кај зградите на „Октомвриска револуција“

На иницијатива на граѓаните кои што живеат во станбени објекти на „Октомвриска револуција“ денеска беше организирана акција за чистење на зелени површини поддржана од јавното претпријатие „Чистота и зеленило“ и од казнено -поправната установа Затвор Куманово. Дел од станарите, членови на Здружението за ликовна уметност „Форма“, вработени во комуналното претпријатие и неколку осудени лица го косеа и расчистуваа од отпадоци паркот покрај зградите кај поранешен Мај маркет. Интенцијата на граѓанската иницијатива е расчистувањето на јавните зелени површини да биде вметнато во Годишниот план за работа на „Чистота и зеленило“ , што пак значи ќе редовно одржување.

– Планирамеда продолжиме и понатаму на делот од „Октомвриска револуција“ каде што живееме, месна заедница Панче Пешев, но не е само да се организира акцијата туку сите да дојдеме и да помогнеме за почиста средина, за сите граѓани кои што живеат во околината на зградите. Ние смогнавме сили, самите земавме неколку тримери, лопати, има доволно луѓе, но сепак треба да се земе предвид дека е петок, работен ден, голем дел од станарите се на работа. Тие што се слободни излегоа да помогнат, доволно е за денеска, кога ќе организираме акција во некој неработен ден веројатно ќе има повеќе луѓе. Нема постојано одржување на просторот покрај станбените објекти на „Октомвриска револуција“, за еден месец паркот повторно ќе зарасне во трева. Наводно се зборува дека одржувањето не е во надлежност на „Чистота“, туку на управителите на зградите, разбравме дека ова не е на зградите, на домарите туку дел од просторот е на РМ така што или „Чистота“ или управителите мора да го преземат одржувањето. Ние ќе побараме од општината ваквите зелени површини да бидат ставени во Годишен план и почесто да се чисти. Апелираме до општината и до „Чистота“ овде да постават корпи за отпадоци, бидејќи отпадоците што ги фрлаат децата ние станарите ги собираме бидејќи нема корпи, изјави Бобан Кипријановски, Граѓанска иницијатива на „Октомвриска револуција“

Станарите ќе достават и иницијатива до општината за поставување на детско катче кај комплексот згради.

-Нема детски реквизити, еден од плановите на граѓанската иницијатива е да го оплемениме просторот. Разговаравме со дел од инвеститорите, ќе се обратиме и до општината овде да се направи детско катче бидејќи има многу деца на станари што живеат тука, а нема каде да се играат. Сакаме да направиме катче кое ќе биде оградено, исто така ќе доставиме иницијатива или барање до надлежните институции на општината се надевам дека ќе ни помогнат подобро да го уредиме овој дел. Има барање од Гладијатори да постават справи за вежбање, изјави Кипријановски.

Станарите се надеваат дека по утврдувањето на сопственоста на земјиштето надлежните ќе ја преземат обврската за одржување на јавното зеленило кај станбените објекти, без разлика дали станува збор за комуналното претпријатие или пак управителите на зградите.

 

 

Коментари

коментар(и)