Невработените лица до 34-годишна возраст со минимум средно образование може да аплицираат за мерката практиканство која е дел од Оперативниот план за активни програми и мерки за вработување и услуги на пазарот на труд за 2022 година на Агенцијата за врабтување. Целта е стекнување на практични работни знаења и вештини потребни за извршување на работните задачи на одредени работни места.
Огласот за практиканство се уште е отворен, се прибираат апликациите, информира раководителката на кумановскиот Центар за вработување, Марија Димитријевска.
– Ги повикувам заинтересираните невработени лица, како и работодавачите да аплицираат и да се вклучат во мерката практиканство. Лица кои што ќе се вклучат во оваа мерка добиваат месечен надомест бруто износ од 9.000 денари во кој што износ е вклучен осигурување за инвалидност и телесно оштетување причинето со повреда од работа и професионална болест и данок на личен доход. Мерката е во времетраење во период од три месеци. Тука од една страна се работодавачите кои што имаат потреба да си креираат свој кадар обучувајќи го на лице место таму каде што се извршуваат работните задачи, а од друга страна се навработените лица кои што не поседуваат практични знаења и вештини и на тој начин имаат можност да се стекнат со истите и да го зголемат степенот на конкурентноста на пазарот на труд. Досега, оваа година во мерката практиканство беа склучени 130 договори со невработените лица и со работодавачите, од кои што активни се се уште 125 договори, петте лица што недостигаат се веќе вработени или во истата фирма или на друго работно место, изјави Димитријевска.
Искуствата покажуваат дека младите невработени имаат интерес за администратори, административни службеници, продавачи, фризери, маникири, педикири, работници во процес на производство, сметководители.
Според податоците на Центарот за вработување во Куманово, од вкупно 12.223 невработени лица кои што се активни баратели на работа, 3.546 се невработени до 34-годишна возраст.