78 -годишнината од ослободувањето на Куманово и 503 години постоење на градот денеска беа одбележани и со свечена седница на општина Куманово во НУЦК „Трајко Прокопиев“ на која беа доделени ноемвриските награди.
„Куманово е град во кој се почитуваат различностите, се негува културата, идентитетот и традицијата, се посветува внимание на инклузивноста, на развојот и напредокот, реализирани се над 130 проекти во Куманово“, меѓу другото, рече во своето обраќање пред присутните градоначалникот на општина Куманово Максим Димитриевски.
-Заедно со Прилеп се кренавме рамо до рамо и со останатите во државата , токму нашите предци ја ослободија нашата држава. Борците од НОБ се примерот што треба сите да го следиме, македонската историја што треба да ја негуваме и македонскиот јазик и идентитет што мора силно да ги штитиме. Куманово важи за град првоборец, револуционерен, слободарски град што секогаш паметно и мудро ги одбирал вистинските чекори за нашата држава, град што отсекогаш бил на вистинската страна на историјата. Куманово е пример како се гради мултиетничко опшетаство. Додека едни само зборуваат за мултиетницизам, ние истиот го практикуваме на дело. Во Куманово нема поделби по ниту една основа, единствено она основно што го бараме во Куманово е взаемно почитување, рече Максим Димитриевски, градоначалник на општина Куманово
„Куманово е град кој можеме од срце да го сакаме, може и да го критикуваме, но сите мора да го почитуваме. Почитта ја заслужуваат сите паднати херои“, рече Ивана Ѓорѓиевска, претседател на Советот на општината.
-Почитта ја заслужуваат сите минати генерации кои го планирале, ѕидале и растеле Куманово. Сите работници во фабриките, пазарџиите, наставниците, кои се вложиле преку својот труд, идеја, активност, Куманово да напредува и расте. Почитта ја заслужуваме и сите ние во оваа сала. Секоја генерација носи свое бреме, во 50-тите се бореа за слобода, во 70-тите за индустриски развој и напредок, во 90-тите за осамостојување, во 21 век за технолошки достигнувања, а ние сега треба да се бориме за соединување, взаемно почитување за да не ја изгубиме иднината, рече Ѓорѓиевска.
Реализираните проекти на локалната самоуправа, но и позначајните средби на градоначалникот Димитриевски со претставници на повеќе држави, амбасади, ЕУ, значајните политички фактори во државата и надвор од неа, присутните можеа да ги проследат преку 15 -минутна видео презентација.
Годинава, добитници на највисокото општинско признание, Ноемвриска награда која што ја доделува општина Куманово за врвни достигнувања на поединци, група граѓани или претпријатија се Витомир Митевски, член и раководител на центар во МАНУ, Синиша Кашавелски, дипломиран ликовен уметник, хирургот д-р Зоран Ѓорѓиевски, просветниот работник Садри Акифи, и дипломираниот правник, професор и тренер по физичка култура и пожарникар Сашо Илиевски.
Од правните лица добитници на наградата се Кентаур Импекс ДООЕЛ Скопје, подружница „Искра Куманово“ и „АЛФИ Би“ компани Куманово.
Ноемвриската награда како највисоко општинско признание за прв пат е доделена во 1967 –та година.
Општина Куманово додели и неколку благодарници на истакнати личности за постигнати резултати во афирмирање на градот во различни општествени области, меѓу нив Благица Димитровска, претседателка на здружението „Инклузива“, Фросина Ефремовска од дијализниот центар „Диаверум“ и др.
На свеченоста по повод 78 години од ослободувањето на градот присуствуваа членови на Сојузот на борци, претставници на Собранието, АРМ, амбасади, советници, делегации од збратимените градови и останати гости.
