Советот на Општина Куманово бара од градоначалникот за итно обезбедување финансиски средства од буџетот на Општината од ставка за тековни резерви во износ од два милиони денари во најкраток можен рок, со донесување на одлука за овие горе наведени парични средства да се стават на располагање на Општинскиот штаб за заштита и спасување и истите да служат за поправка на механизација на ЈП „Чистота и зеленило“ кои ќе служат за санирање на пожарите на депонијата Краста, е заклучокот што го предложи советничката Моника Марковска и беше прифатен од мнозинството советници (18 „за“, 10 „не“, 2 „воздржан“) на денешната седница на Советот на која беше разгледана Информацијата за состојбата со опожарената депонија Краста како дополнителната точка на дневниот ред.
По усвојувањето на овој заклучок, претседателката Ивана Ѓорѓиевска најави вонредна седница на Советот.
– Најавувам вонредна седница на Советот на Општина Куманово денеска во 14.30 часот на која што ќе ги проследиме овие одлуки. Верувам дека ќе бидат изготвени од Секторот за финансии, истакна Ѓорѓиевска.
Заклучоци предложија и советниците Томица Илиќ и Југослав Спасиќ, но, не беа усвоени од мнозинството советници.
-Предлог- заклучок од советникот Томица Илиќ – Општина Куманово бара од Владата на РСМ да прогласи кризна состојба на теритоирјата на Општината заради ризик по здравјето на граѓаните и животната средина од опожарување на нестандаризираната депонија. Во прилог таксативно да бидат наведени причините поради кои Општината куманово не може да се справи со овој проблем.
-Предлог-заклучок од советникот Југослав Спасиќ – Советот на Општина Куманово му предлага на градоначалникот во наредниот ребаланс на буџетот на Општина Куманово да предвиди финансиски средства за санирање на состојбата со депонија Краста.
-Предлог-заклучок од советникот Томица Илиќ – Општинскиот штаб за заштита и спасување да достави извештај до Совет на Општина Куманово дали е одржан состанок на кој е направена проценка на ризик по здравјето на граѓаните, животната средина. Доколку не, кои се причлините, доколку е одржан, да ги наведе мерките кои ги препорачува да се преземат, кои параметри се земени како основа за сите мерки и зошто советнците не се запознени со истите.