Библиотеката „Тане Георгиевски“ продолжи со проектната активност, „Читаме македонски современи автори”, овојпат со романот „Три Марии“ од Оливера Ќорвезироска. На работилницата учествуваа и ученици од Гимназијата „Гоце Делчев“.
„Една книга, три Марии и многу различни погледи. „Три Марии“ не е едноставно дело — напротив, во него се преплетуваат психолошки нијанси, внатрешни состојби и примеси на басма, создавајќи простор за различни читања и толкувања. Заедно со дел од учесниците на проектот претходно присуствувавме и на промоцијата на книгата во Центарот за култура. На работилницата се отворија убави и искрени разговори, а мислењата како што е и очекувано — беа поделени. Гимназијалците упатија и доста критики за постапките на сите три Марии, но токму во тие различни избори и толкувања се крие убавината на читањето“, соопштуваат од градската библиотека.
Инаку, станува збор за проект со финансиска поддршка за културни манифестации предвидени во Програмата за културни манифестации на Општина Куманово за 2026 година.