1800 вакцини против сезонски грип набави центарот за јавно здравје Куманово со кои што бесплатно ќе се вакцинираат граѓаните над 65-годишна возраст и кои што имаат пониска пензија од просечната или се без пензија, информираат надлежните. Но, за да ја примат бесплатната вакцина, заинтересираните претходно одат кај матичен лекар кој што после прегледот доколку утврди дека пациентот може да прими вакцина, му закажува термин преку електронскиот систем за закажување Мој термин.
-Навистина голем интерес, од вчерашниот ден до денеска напладне има 334 вакцини дадено од комерцијалните односно по цена од 650 денари, додека во однос на Мој термин односно вакцини кои што се даваат бесплатно веќе имаме досега дадено 120 вакцини. Од бесплатните вакцини кои што ги обезбеди министерството за здравство центарот за јавно здравје Куманово има 1800 вакцини добиено, од кои 200 вакцини се наменети за Крива Паланка и 100 вакцини за Кратово, додека останатите 1500 се наменти за останатите општини кои ги покрива центарот за јавно здравје Куманово, изјави д-р Јадранка Стаменковска, Центар за јавно здравје Куманово
Интерес кај граѓаните има и за комерцијалните вакцини , велат надлежните.
-Центарот за јавно здравје Куманово годинава набави 1000 вакцини кои што се однесуваат за оние кои што сакаат самите да се вакцинираат, всушност незадолжително меѓутоа се со хронични заболувања. Од тие вакцини 50 се наменети за општина Кратово , а 100 вакцини за општина Крива Паланка, изјави Стаменковска.
Сите кои што сакаат да се вакцинираат против сезонски грип тоа можат да го сторат во просториите на центарот за јавно здравје секој работен ден од 07 до 15 часот , а како што информираат епидемиолозите, центарот за јавно здравје ќе работи и во сабота.
Инаку, на ниво на државата , обезбедени се вкупно 28.000 дози вакцини за заштита од сезонски грип за 2018/2019 година.
Станува збор за четиривалентната најнова вакцина против грип, која заштитува од четири видови инфлуенца и е во производство на француската фармацевтска компанија „Санофи Пастер“.
Вакцината против грип е незадолжителна и се дава на доброволна база, но препорачана е за хронично болни и возрасни пациенти.