Да учиме од грешките во 2021, за да имаме поуспешна 2022 година

Иван Дургутов

Ivan Durgutov 400x500

Крајно време е целосно да го стабилизираме нашиот пат како држава. Ако преминот од декември кон јануари треба секогаш да симболизира нешто ново, освен нова Влада, нека овој пат тоа биде обединетоста на сите прогресивни сили и заедничката работа, а не само желбите, за многу подобро утре.

Поминаа два пати по 365 дена откако светот пулсира во неизвесност, во тага поради изгубените безмалку 6 милиони животи и со периодични радости на кои повремено сведочиме. Новото нормално – работата од далечина, седењето во школски клупи со заштитни маски, онлајн настаните па дури и виртуелното вртење пита со паричка, имунизацијата со прва, втора, трета доза вакцина, овие нешта некому и не му се веќе толку нови, а некои велат дека за нив ниту се „нормални“.

Турбулентна 2021

На политичко поле, изминатата прва година од третата деценија на овој век, дома кај нас, беше прилично турбулентна. Барем на тоа, ние Македонците, никако не треба да се жалиме, монотонија на овие простори едноставно нема. Се одржаа редовните локални избори, градовите и селата добија своевидна шареноликост кај „мајките и татковците“, иако предлагачите на листи, ама очигледно и гласачите, повеќе ги милуваат татковците на општините. Понатаму, најголемата владејачка партија доби нов кормилар, а главниот град ја доби, историски, втората жена за градоначалничка, после почитуваната Вера Ацева која ја извршувала должноста во 1948 година.

Ректорки и деканки баш и немаме ни денеска, но ете скопска градоначалничка многу одамна сме имале. Освен што и после речиси 74 години, сè уште треба да докажуваме, дека на жената не и е местото исклучиво во домата, ама и во политиката доколку сака, како општество сме исправени и пред ред други сериозни предизвици. Ако болниот компромис од селото Нивици во топлото лето 2018 година ни донесе заокружување на првата стратешка определба – членството во НАТО, сега сме исправени пред друг, уште поирационален предизвик во врска со нашата втора толку посакувана точка – Брисел и членството во Европската унија.

Доколку кон крајот на 2020 година и при дочекот на 2021 година, шепотевме или гласно честитавме за подобро утре мислејќи дека благодетите на медицината преку вакцинацијата ќе успеат да ѝ стават крај на пандемиската голгота, претходната година убаво нè отрезни и го демантираше тоа. Како тагата која ја делиме колективно со целиот свет да не беше доволна сама по себе, па како општество се соочивме плус и со страотните глетки од несреќи со многу наши сограѓани жртви дома во Тетово во септември, но и кај источниот сосед во Софија во ноември. Институционалната пасивност, како и вообичаено, присутна е и сега.

Da ucime od greskite vo 2021 za da imame pouspesna 2022 godinaИзвор: lider.mk

 

Дополнително на оваа пандемија која трае и трае, среќна нова 2022 година, овој пат, посакавме еден на друг и во време на енергетска, па и економска криза. Поскапувањето на месечните сметки за режиските трошоци кое дојде како иронична новогодишна честитка за граѓаните, несомнено покрај поскапените струја и парно греење, носи и негативен предзнак во однос на одговорот на прашањето колку различна ќе биде годинава од нејзината неславна претходничка.

Нова година, нова Влада

Од друга страна, формирањето на новата македонска влада, за која веќе на големо течат уставните рокови, е најавено и очекувано во предвечеријата на следниот празничен ден во државата – Водици. Без да се помисли на било каква поврзаност или симболика помеѓу неработен ден и работлив владин состав кој ќе ни биде претставен, како граѓанство оправдано го поставуваме прашањето дали и овој владин тим ќе успее политички да преживее и да го дочека истекот на својот уставно пропишан мандат.

Имено, невиден куриозитет претставува фактот дека последната Влада која не доживеала „предвремена шут карта“ кај нас е во далечната 2006 година. Замислете, во земјава досега се одржале 10 циклуси на парламентарни избори започнувајќи од 1990 година, а едвај пет од нив биле редовни, односно не биле предвремени и тогашните пратеници, премиери и министри го истерале својот четиригодишен мандат до крајот.

Фактот дека, започнувајќи од парламентарните избори во 2008 година, па наваму, сите парламентарни избори без исклучок биле вонредни и предвремени, освен куриозитет, претставува показател и за демократската зрелост на нашето општество и политички систем, која во овој дел регресира веќе 13 – 14 години. Имајќи предвид дека само половина од владините тимови и парламентарни состави, со маки, успеале да издржат и да (се обидат да) го спроведат она што го ветиле низ четирите години, ова покажува многу за тоа каков „памфлет“ знае да биде четивото насловено владина програма.

Уште повеќе, јасно покажува за тоа дека кокетирањето со предвремени избори во моментите кога рејтингот на владејачката коалиција е во пораст е и тоа како присутно на македонската политичка сцена. Згора на сè, ми се чини и нема подобар тест за тоа колку уставните одредби функционираат и живеат во реалноста, како и негативен одговор и неположен тест за одредбата околу четиригодишниот пратенички мандат во членот 63 од Уставот, кој, за жал, практиката покажува дека е речиси „мртва буква на хартија“.

Најавената посета на Скопје на бугарскиот премиер, Кирил Петков, која се очекува на 18 јануари, секако е добредојдена и всушност ја дава индиректно и временската одредница до кога ќе биде формирана новата македонска влада. Новиот лидер на СДСМ, а веќе и официјално мандатар, тековен заменик министер за финансии, Димитар Ковачевски, не е многу експониран во досегашните политички води. Истовремено, ова може да претставува и силна и слаба карактеристика, а времето најсоодветно ќе го одговори истото.

Дали ќе продолжиме да ги исполнуваме желбите на нашите соседи?

Она што е особено важно е нагласената ирационалност на бугарско-македонскиот спор и своевидната „желботека“ која Софија, непрестано, ја испорачува кон своите соседи. Ако на македонскиот граѓанин и гласач, некако и можеше да му се објаснат случувањата околу нашиот јужен сосед, особено долготрајниот преговарачки процес, прашањето за името кое тие го спореа од нашето осамостојување, сега ужасно тешко ќе биде да се елаборира зошто уште еден болен компромис ќе биде наводно нужен.

Мандаторот најави изненадувања во владината екипа која ќе ја предложи, а ние како граѓани, веќе навикнати на непријатни изненадувања од предлози за луѓе кои своите кариери и ангажман ги започнаа како министри, овој пат искрено навиваме за малку попријатни и поблаги шокови. Шетањето на министри од еден во друг ресор, небаре тие истите луѓе се „сезнајковци“ е една лоша практика за која критичката јавност многу гласно говореше во едни не толку дамнешни времиња, кога некои функционери беа како венчани со министерските софи, па ги расшетуваа низ драстично различни ресори, како здравство и образование.

На таа тема, непопуларниот факт дека во 30 години независност сме имале, на пример, рекордни 19 министри за образование, а во најава ни е нов ресорен министер таму, ни дава уште една шлаканица за тоа колку оваа област – образованието и науката се вреднувани во оваа наша мала и мила земја. Оттука, моите желби за годината која стапна на прагот вклучуваат продолжување на нужната грижа за сопственото и здравјето на другиот, поголема самокритичност како индивидуи и како систем и над сè, поголема верба во науката, особено во медицината.

А, тоа што таа верба очигледно затајува дури и на светско ниво, а уште повеќе внатре и дома, не треба да нè вчудоневидува имајќи на ум каков третман добивало и добива ова исклучително важно министерство кај нас. Среќна и бериќетна да е!

 

Ве молиме прочитајте ги правилата пред да коментирате или преземате
Напомена: Мислењата и ставовите во оваа статија се на авторот и не ги одразува позициите на Институтот за комуникациски студии ниту на донаторот.

Коментари

коментар(и)