Кумановските пожарникари во текот на изминатото деноноќие на подрачјето на општините Куманово и Липково имале дванаесет интервенции, информираат од Регионалниот центар за управување со кризи.
Според дневниот билтен на РЦУК, во атарот на селото Романовце гореле сува трева и стрниште, во липковско Слупчане биле опожарени сува трева и борова шума. Сува трева, борова шума и стрнишет вчера гореле и во Лојане, Пожарот е изгаснат, а во гаснењето освен пожарникарите учествувале и вработени во Национални шуми, подружница Куманово, мештани од селото, а од воздух било интервенирано со полициски хеликоптер.
Сува трева била запалена и во Тоде Мендол, во Проевце на локацијата Живкова карпа, каде што освен три екипи на пожарната од Куманово, во акцијата за гаснење се вклучиле и пет лица од Тимот за катастрофи при Црвен крст Куманово. Пожарот бил изгаснат околу 21 часот.
Сува трева горела и во селото Ваксинце, на Аџитепе, во Романовце, каде што интервенирале тројца пожарникари и при гаснење на пожарот екипата на ТППЕ Куманово забележала лице кое што намерно го потпалува пожарот при што случајот бил пријавен во СВР Куманово.
Според информациите од утринава, нема активен пожар.