Бизнис заедницата има општествена одговорност да се вклучи во поддршка за полесна инклузија на лицата со попреченост во Куманово, порача градоначалникот Максим Димитриевски, на промоцијата на проектот „Локална прегратка“. Преку вакви проекти општината се обидува да ја разбуди свеста на граѓаните, на државните институции, но и на приватниот сектор за потребите и помошта која треба да им се пружи на овие категории на граѓани, бидејќи ,како што вели , ниту државата, ниту општината финансиски се моќни да им помогнат на сите лица со посебни потреби во Македонија, кои што за жал ги има многу , дел од нив евидентирани, но многу поголем број се уште не регистрирани, рече Димитриевски.
-Ако ги следиме светските трендови ќе видиме дека најголем број на вакви проекти во светот се реализираат со помош и финансии на приватниот сектор. Таков принцип на солидарност кај нас во РМ, искрено да ви кажам и пошироко на Балканот, нема. Ваквите проекти токму имаат таква цел .Ние не можеме со овие проекти да ги решиме проблемите на сите наши сограѓани бидејќи покриваме 20, 30, педесетина, сто лица, изјави Максим Димитриевски, градоначалник на Куманово
Општината неодамна вработила лице со попреченост во јавно претпријатие во градот и трендот на вработување на оваа категорија на граѓани ќе продолжи, вели Димитиревски, доколку хендикепот им дозволува да работат.
-Вие не можете во општина Куманово да најдете сериозен спонзор кој што ќе дојде и ќе донира средства, ќе ви кажам еден случај, имав случај за време на избори ми дојде донатор како кандидат да ми каже дека сака да донира во мојата политичка кампања и го одбив, немав потреба од таква донација. И го насочив средствата да ги донира во Порака наша, не ги донираше во Порака наша. Тоа е реалноста. Упатувам една отворена критика до сите правни субјекти кои што вршат промет во нашиот град и имаат општествена одговорност да излезат во пресрет и поддршка на ваквите проекти, изјави Димитревски.
Во Куманово регистрирани се повеќе од 600 лица со попреченост, но неофицијално, бројката е минимум два пати поголема.