Димитриевски ги собра потребните граѓански потписи за независен кандидат за градоначалник

За само неколку часа актуелниот градоначалник на општина Куманово, Максим Димитриевски ги собра потребните граѓански потписи за независен кандидат за градоначалник на претстојните локални избори во октомври. Тој на денешната прес-конференција се заблагодари за масовната поддршка бидејќи тоа за него претставува,  како што рече,  „мотив повеќе да продолжиме во заложбите заедно да го развиваме Куманово и заедно да работиме на развојот на демократијата во нашата држава“.

-Затековме општина со долгови, а дополнително ги решивме тие финанисски проблеми и реализираме голем број на проекти. Мојата цел заедно со мојот тим е да продолжиме на тој пат, да го менуваме Куманово во вистинска смисла на зборот. Јас сум по убедување социјалдемократ од 95-та година и полн сум со социјалдемократска мисла и идеја во вистинска смисла на зборот и моите заложби се да се развива демократијата и во државата, но и во политичките субјекти, бидејќи ако немате развој на демократија во политичките субјекти, тогаш не можете да развивате и демократија во општеството. Немам информации што се има случено на ИО, но знам дека под притисок на моите сограѓани, граѓаните на општина Куманово и голем број на истакнати социјалдемократи од Куманово денеска објавив иницијатива за собирање на една ваква граѓанска поддршка, рече Димитриевски.

Во однос на соопштението со кое излезе неговата матична партија СДСМ, Димитриевски потенцираше овде не станува за негови лични амбиции, туку за можеби поразлично размислување од група на луѓе кои во моментов имплементираат власт.

-Отворен сум за секој тип на поддршка, вклучувајќи ја и мојата СДСМ затоа што сметам дека основните вредности на социјалдемократијата и на мојата матична партија е токму граѓанскиот пристап и различноста која е една од главните мота на последниот конгрес на партијата. Жалам, искрено жалам што можеби некои поединци оваа го доживуваат на начин како што беше презентирано во јавноста, предавство или беа употребени други зборови. Не се работи за лични амбиции туку за еден континуитет на едно можеби поразлично размислување од група на луѓе кои во моментот имплементираат власт , рече Димитриевски

На прашањето дали очекува да биде исклучен од партијата, Димитриевски одговори партијата има свој статут и органи и треба да одлучи.

-Јас не очекувам и не размислувам, но како и да е, партијата има статут има свои органи и треба да одлучи. Она што за мене е приоритет во овој момент е Куманово и граѓаните на општина Куманово. Уште од првиот ден го менаџирам градот и се обидувам без разлика што доаѓам како градоначалник од политички субјект, да бидам градоначалник за сите граѓани, без разлика на нивната, партиска, верска, етничка или друга припадност. Денеска особено мотивот е поголем кај мене бидјеќи видов голем број на луѓе кои доаѓаат од голем број политички субјекти, различни етнички заедници и различни вери и даваат поддршка на еден ваков концепт, а тоа е токму суштинскиот концепт на социјалдемократијата во нашата држава.  Максим Димитриевски врз база на сите претходни направени анализи и сондажи во јавноста, како и кандидатската листа на советници под мотото„ За наше Куманово“ е фаворит на претстојните избори што ќе се одржат во октомври, се чувствува граѓанската поддршка, на крајот сепак одлучуваат граѓаните и јас сум повеќе од убеден, дека ќе ја добиеме таа поддршка од граѓаните да продолжиме во континуитет да работиме посветено за нашиот континутет и нашите граѓани, рече Димитриевски.

На престојните локални избори Димитриевки ќе настапи и со независна листа на советници, која , како што рече градоначалникот е во во фаза на изработка, а носител на листата ќе биде жена која треба да го даде својот придонес во иднина, не објавувајќи всушност, за кого станува збор.

 

 

Коментари

коментар(и)