Максим Димитриевски останува градоначалник на општина Куманово, но на овие локални избори како независен кандидат од граѓанската иницијатива „За наше Куманово“. Државната изборна комисија објави дека Димитриевски освоил 6.119 гласови повеќе од противкандидатот Оливер Илиевски. За старо-новиот градоначалник гласале 55,30 отсто од гласачите или вкупно освоил 25.587 гласови.

Димитриевски синоќа прогласи победа на градскиот плоштад заедно со своите поддржувачи. Пред кумановци вети дека сето тоа што било кажано во кампањата ќе биде реализирано бидејќи станува збор за остварливи проекти, нагласувајќи дека победиле граѓаните на Куманово.
-Сакам да се заблагодарам во оваа прилика на сите кумановчани кои денес успеаја да се одважат и да излезат на избори, да се заблагодарам на секој еден добиен глас. Тоа е уште една обврска плус. Успеавме да победиме со еден лаптоп, со еден фотоапарат и со многу граѓанска поддршка. Благодарен сум на сите за наше Куманово. Од Куманово почнале големи општествени промени во минатото, и така ќе продолжиме заедно со граѓаните да го градиме Куманово како поубаво место за живеење и да ја вратиме демократијата и во политиката и во државата. Ние не ги делиме граѓаните на лево и десно, и кој на која политичка партија, етничка и верска заедница припаѓа. Кумановци се кумановци и не можат да бидат друго. Јас сум благодарен на сите политички субјекти коишто отворено дадоа поддршка на нашиот концепт „За наше Куманово“, кој е позитивен пример не само во Куманово туку и во Македонија, рече Максим Димитриевски, градоначалник на општина Куманово

Кандидатот на СДСМ и коалицијата, Илиевски, според ДИК, ја добил поддршката од 42,07 од гласачкото тело, односно освоил 19.468 гласови.
Илиевски вчеравечер му ја честиташе победата на противкандидатот Димитриевски. Тој објави дека разликата во гласови е околу 6.000 во корист на Димитриевски.
-Во овој момент сакам да им честитам на победниците и порачам Куманово да го управуваат добро, да инвестираат и нашата програма ќе им стои на располагање. Сакам да ве информирам дека СДСМ освои 19.470 гласа, додека независниот кандидат заедно со ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, има освоено 25.470 гласови. Ова се неофицијални податоци што ги добивме од нашиот изборен штаб, од сите гласачки места. Советот на Општина Куманово најверојатно го има мнозинството со 17 советника, заедно со ВМРО-ДПМНЕ и Алијанса за Албанците, рече Оливер Илиевски, кандидат за градоначалник од СДСМ

Димитриевски се бореше да остане на градоначалничкото место како независен кандидат откако не ја доби довербата на партијата за кандидатура за уште еден мандат. По првиот круг на 17-ти октомври, тој влезе во вториот круг со предност од само 22 гласа повеќе во однос на Илиевски.
Излезноста на вчерашните избори во Куманово изнесува 49,23 отсто, односно своето право на глас го оствариле 46.273 гласачи на 167 избирачки места.