За шест линии се уште се чека одлуката на второстепената комисија

За шест линии од градскиот превоз се уште се чека одлуката на второстепената комисија на Министерството за транспорт и врски, поради поднесените приговори на дел од превозниците, кои што не се задоволни од одлуката на Комисијата за спроведување на постапката за избор на превозници за општински линиски превоз на патници на подрачјето на Општина Куманово, информираа денеска од општина Куманово.

Неизвесно е до кога жителите на поголемите населби во Куманово, како што се Гоце Делчев, Зелен Рид, Перо Чичо, Карпош, Железничка и други, ќе треба да се снаоѓаат за превоз за да стигнат навреме до своите работни места, закажани здравствени прегледи и слично. Линиите во спомнатите населени места не функционираат од Нова година.

За останатите 15  линии превозници беа избрани на крајот на јануари месец и тие се во функција од први февруари.

Неколку дена од второто полугодие и дел од учениците заради жалбените постапки на превозниците немаа организиран училишен превоз, но подоцна,  на барање на општина Куманово проблемот беше решен индивидуално од секое училиште преку склучување посебен договор со одреден превозник.

 

Коментари

коментар(и)