По повод 16 – те дена активизам против насилство врз жените, хуманитарното здружение „Мајка” со финансиска поддршка од Општина Куманово изработи видео кое ја истакнува важноста на информирањето, препознавањето на насилство и достапноста на услугите за поддршка и заштита, информираат од Општината.
„Насилството не треба да се премолчува. Без разлика на околностите, секоја жена има право на сигурност, достоинство и живот без насилство. Доколку се соочувате со семејно или родово базирано насилство, важно е да знаете дека не сте сами и дека постои помош“, се наведува во соопштението испратено до медиумите.
Инаку, во Куманово активно работи Советувалиште за жени – жртви на семејно и родовобазирано насилство „Комфор зона за жени“ кое нуди бесплатна психолошка, социјална и правна поддршка. Тука жртвите можат да бидат сослушани, да ги споделат своите грижи и да добијат информации и поддршка за понатамошните чекори.