Фото Кино Клуб „Козјак“ и годинава ги собра фотографите од Македонија и странство на традиционалната меѓународна изложба на уметничка фотографија „Фото Салон Куманово 2026“, која важи за најстара меѓународна изложба од ваков тип во Македонија.
На конкурсот учествуваа 300 автори со вкупно 1.544 фотографии од повеќе земји, кои се натпреваруваа во четири категории: црно-бела фотографија на слободна тема, фотографија во боја на слободна тема, портрет и природа.
Жирито додели вкупно 86 награди во категориите Салон награда, награда „Живко Јаневски“ и награда на Фото сојузот на Македонија.
Во рамки на секоја категорија беа доделени златни, сребрени и бронзени медали, како и дипломи за најуспешните автори.
За најдобар автор на овогодинешниот Фото Салон е прогласен Слободан Чавиќ од Србија.
Изложбата ќе биде отворена утревечер со почеток во 19 часот, во Уметничката галерија.
Покровители на изложбата се Министерството за култура и Општина Куманово, а таа се одржува под патронат на Фото сојузот на Македонија.